Министерството изврши стручни корекции на 24 учебника но не изврши и интервенции во содржината особено во делот на историјата иако тоа го најави

Објавил: Мирко Бачиќ | 24 август, 2018 6:59

Адеми: Учебниците и оваа година со “старата” содржина

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Министерот за образование и наука Арбер Адеми тврди дека за сите ученици ќе има учебници за учебната 2018 – 2019 година и дека во основа ќе ја имаат истата “стара” содржина.

За се што работеле периодов а ги опфаќа и дополнувањата и исправки во учебниците рече дека Министерството има пријатни изненадувања но повеќе ќе обелоденел на прес конференција иако почетокот на учебната година е само за десетина дена.

Учебниците што ги печати Министерството со претходно направен откуп од авторите или издавачките куќи се уште не се готови. За нив Министерството ќе распише тендер за да се избере издавачка куќа што ќе ги печати. Открива дека постапката ќе биде спроведена во наредните три до четири дена но останува дилема дали ќе бидат дистрибуирани до учениците во септември.

Јавно е познато дека заврши промената на содржината на учебниците во кои беа констатирани забелешки од стручен – методолошки и технички аспект според укажувањата на наставниците. Промените ги направи комисијата во која членуваат стручни лица. Станува збор за 22 учебници што се користат во основното образование и два учебника од средното образование. Токму овие учебници со променети содржини треба да бидат дистрибуирани до училиштата.

На прашањето дали е точна информацијата дека Министерството им должи на печатниците и на издавачите за минатата година за учебници министерот рече дека се во редовна комуникација со издавачките куќи и дека партнерскиот однос вродил со плод во правец на подобрување на содржините на учебниците.

Адеми објасни исто така што се презема во врска со долговите што ги имаат образовните установи во повеќето општини во земјава меѓу кои е и Општина Битола чии долгови изнесуваат 4.6 милиони евра кон надворешни доверители за различни извршени услуги. Осум основни училишта и две средни се со блокирани сметки немаат платено за електрична енергија од април 2017-та година со што долгот кон ЕВН изнесува 6.5 милиони денари.

Од Општината пред три дена подвлекоа дека се фокусирани на надминување на долговите. Министерот Адеми рече дека уште пред еден месец имал средба со градоначалничката на Битола Наташа Петровска дека иницирале состанок во рамки на Заедницата на единиците на локалната самоуправа за сите општини кои имаат проблеми и долгови во областа на образованието и дека била формирана и работна група во рамки на Владата со цел да се преземат активности за да ги намират долговите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.