„Бехтел и Енка“

Објавил: Калина Мартинска | 26 мај, 2024 15:57

Ако се закануваат со увоз на работници, ние работниците ќе бараме увоз на политичари

Фото/Текст извор: ©vecerpress.mk

Помина една година од склучувањето на договорот меѓу македонската Влада и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за изградба на четири нови автопатишта во земјава за износ од 1,3 милијарди евра, во рок од четири ипол години. Но, од изградбата нема ниту еден километар автопат, а државата му има платено на изведувачот околу 230 милиони евра.

„Бехтел и Енка“ се соочуваат со проблеми со обезбедување на работници од една страна, а од друга тука се блокадите што ги прави населението на прилепски Ореовец и не дозволува механизацијата да продолжи со минирања за обезбедување на материјал за автопатиштата. Претставници на „Бехтел и Енка“, неодамна имаа средба во Стопанската комора и побарале помош да обезбедат 4.000 работници, вклучувајќи и стручни кадри за работа на автопатиштата. Стопанската комора одговорила дека не може да им понуди работници, туку само квалитетни компании кои под еднакви услови со конзорциумот можат да ја завршат работата на автопатиштата.

Дали може да им се излезе во пресрет на „Бехтел и Енка“, како што ветува Комората и има ли во земјава толку градежни работници кои би работеле на автопатиштата, весникот ВЕЧЕР одговор побара од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП од каде уште пред повеќе од една година апелираа и ѝ укажуваа на Владата дека ваков тип на договор е штетен за домашните компании.

„Треба да се има предвид дека станува збор за огромна сума пари, која го заобиколува домашниот Закон за јавни набавки и оди во четири очи со непознат за нас изведувач, односно, како што велеа, стратешки партнер за изградба на објекти од национален интерес. Жалосно е што најголемиот дел од државниот буџет завршува во странски компании наместо во домашните кои едвај преживуваат на домашниот пазар, а со тоа и нашите градежни работници. Работниците уште во 2022 година масовно ја напуштија Македонија и заминаа и тоа 12.000 работници за само една година. Првпат статистички бројот на градежни работници падна под 50.000. Концептот Отворен Балкан овозможи речиси сите да се отселат, бидејќи Црна Гора, Босна и Херцеговина, дури и Албанија нè претркаа со минимална и просечна плата, да не зборуваме за Србија, Хрватска, Австрија, Германија и Швајцарија каде што имаме повеќе македонски работници таму отколку дома “ – вели претседателот на СГИП и потпретседател за приватен сектор при Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски.

Тој смета дека пред две години домашните компании ќе одговореа на овој предизвик, но денес, вели, не е сигурен.

„Еден гигант како ГД „Гранит“ АД Скопје наместо од 1.800 вработени да стане 3.000 вработени, со овие средства и активности се сведоа на помалку од 900 вработени денес. Исто така имавме и други компании кои можеа да одговорат во тоа време на овие коридори, како и домашен надзор како Градежен Институт „Македонија“, наместо некои странски кои беа сомнителни дали и воопшто се компании за надзор“ – потенцира тој.

Пешевски нагласува дека во моментов едвај се наоѓа слободен градежен техничар, а да не говориме за градежен инженер.

„Лошите услови за работа и ниските плати низ годините беа доволен мотив овие наши работници да си заминат. Домашните компании наместо да добијат нови референци и да бидат конкурентни и надвор од границите на државата, тие едвај успеваат да добијат работа „дома“ како подизведувачи. Втора и голема причина за немањето работници за изградба на патните коридори 8 и 10д е и тоа што Владата донесе брзи законски измени со кои работниците може да работат 72 часа во текот на неделата. Ваквите размислувања на некои владини претставници и одлуките кои ги донесоа беа погубни во минатиот период и за работниците и за компаниите“ – констатира Пешевски.

Го прашавме дали е препорачливо „Бехтел и Енка“ да донесат работници од надвор и што ако тоа се случи, Пешевски смета дека тоа би била погубна политика.

„Уште погубна политика е да се размислува на увоз на работници од третиот свет земји како Непал, Пакистан и Бангладеш, бидејќи со нивните трошоци за превоз, сместување и храна ќе ги задржеа и домашните работници. Искрено мислам дека и овие работници за платите кои се нудат моментално во секторот ќе успеат да преживеат само еден месец и потоа ќе се упатат во високо развиените западноевропски земји. Срамно е да се размислува на овој начин, особено од владини претставници кои само усно ја носат Македонија во Европска Унија. Другите земји аспиранти кон ЕУ гледаат да ги направат прво дома условите за работа и платите како ЕУ, а не обратно. Ако се закануваат со увоз на работници, ние работниците ќе бараме увоз на политичари, бидејќи досегашните одлуки и активности на владите во државата доведоа до овој стадиум да падне двигателот на економијата и главниот столб на бруто-домашниот производ, а тоа беше градежништвото, кој со себе повлекува над 25 останати дејности. И тотално е нејасно зошто „Бехтел и Енка“ сега бара помош од Стопанската комора да најдат работници и инженери, бидејќи договорот за стратешко партнерство не го потпишаа со Комората, туку со Владата“ – вели Пешевски.

Уставниот суд минатиот месец одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на три члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, а која се однесува на работните часови на работниците за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ и со тоа, смета Пешевски, уште повеќе ќе се отежни процесот за наоѓање соодветен кадар, особено не за тие плати и тие работни часови.

„Сметам дека одлуката на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век. Може единствен излез ќе биде седнување на маса со домашните компании кои имаат референци за ваков тип изведба, а не барање слободни работници во Агенцијата за вработување, бидејќи таму одамна веќе ги нема. Од друга страна, потребно е зголемување на платите на вработените во овие сектори како би ги задржале оние работници што останаа да ја градат домашната економија“ – смета синдикалецот.

И професор д-р Ристо Цицонков, од Машинскиот факултет, не верува дека „Бехтел и Енка“ може да обезбеди 4.000 работници преку Стопанската комора на Македонија. Всушност, смета тој, „Бехтел и Енка“ добија негативен одговор од Комората.

„Очигледно е дека конзорциумот „Бехтел и Енка“ нема капацитет (работници) да работи фронтално на сите четири делници од автопатиштата. Од потпишувањето на договорот помина повеќе од една година и се гледа дека не е изграден ниту еден километар. А како и секој договор, треба да има член со кои се санкционира доцнење на извршена работа со плаќање пенали “ – смета Цицонков.

Според него, решението да донесат градежни работници од странство е тешко остварливо.

„Веќе имаат лошо искуство неколку угостителски фирми од Охрид кои донесоа еден мал број работници (неквалификувани) од Непал и Филипини, но еден дел од нив веднаш тргнале за Западна Европа, а се очекува и други да го направат тоа. Земајќи ги предвид сите гореневедени факти, логично и рационално решение за државата од една страна и за конзорциумот „Бехтел и Енка“ од друга страна, е да се смени рокот и динамиката за изградба на автопатиштата. Во тој правец е и изјавата на Христијан Мицкоски дека има опција да се оптимизира договорот за што веќе имало почетни разговори “ – вели професорот Цицонков.

Тој смета дека делницата Гостивар-Кичево треба итно да се гради, како приоритетна.

„Што се однесува до другите делници, патот Тетово-Гостивар е приближно на ниво на автопат и таму сообраќајот се одвива без застој. Патот Прилеп-Битола е на пониско ниво од претходниот, но се работи за прав пат без големи проблеми во одвивањето на сообраќајот. Според тоа, пологично е приоритет да се даде на изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ и најмалку една когенеративна гасна централа, а потоа да се градат патните делници Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола кои навистина треба да се градат, но подоцна, односно по завршување на делницата Гостивар-Кичево“– заклучува Цицонков.

Од утре ќе се радикализира протестот против минирањето на „Бехтел и Енка“

Жителите на прилепските села Ореовец, Крстец и Плетвар од минатата недела го блокираат приодот кон селото Ореовец не дозволуваат маханизацијата и машините на конзорциумот „Бехтел и Енка“ да подготват терен за експлоатација на мермер. Во петокот најавија дека од утре ќе ги радикализираат протестите и ќе го блокираат регионалниот пат Прилеп – Скопје, бидејќи сметаат дека со минирањата им се загрозени водата за пиење, живеењето и животната средина, особено со ендемскиот вид на една пеперутка.

Тие посочуваат дека веќе има пукнатини и оштетувања на ѕидовите на црквата „Св. Димитрија“, изградена 1874 година и во која има фрески постари од 150 години, дел од нив изработени на дрво и кожа. Исто така, велат дека оштетувања има и на куќите во селото, загрозени им се изворите на вода од кои се снабдува дел од Прилеп и околината, а потенцираат дека од прашината која се крева во воздухот загрозени се ендемични видови на пеперутка.

Минатата недела поднесено е барање за обезбедување докази до прилепскиот Основен суд и веќе е закажано рочиште на 3 јуни, како и до Уставниот да се преиспита законитоста на правните норми врз основа на кои се вршат ископите и изрекување на привремена мерка. Инспекторатот за животна средина направил увид, а жителите не се задоволни од, како што велат, паушалниот пристап во инспекцискиот надзор.

Извор: Вечер прес

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести