На територија на Македонија, според утринските информации на Центарот за управување со кризи, активни се 12 пожари.
Во изминатото деноноќие биле евидентирани вкупно 35 пожари на отворено од кои 23 се изгаснати.
Како што информира ЦУК, се уште активни се пожарите меѓу селата Драгоево и Селце и селата Пухче и Пиперово во општина Штип, пожарот кај армискиот полигон Криволак во правец на штипското рамниште, а од неготинска страна е ставен под контрола, како и пожарот кај селото Бадилен во општина Ново Село.
Активни пожари има и меѓу селата Габровник и Мокрени и меѓу Јаболчишта и Дреново во општина Чашка, меѓу селата Сирково и Мрзен Ораовец во Росоман, кај селото Фалиш во општина Кавадарци, селото Небрегово во општина Долнени, кај Пашин мост во општина Велес, меѓу селата Подлец и Чичево во општна Градско, како и кај градската депонија во Делчево.
Најкритичните пожари се гасат и од земја и од воздух.
На Единствениот број за итни случаи 112, разлика од вчерашниот рекорден број 3.159, во текот на изминатото деноноќие регистрирани се 2.978 повици.
Синоќа директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на пилотите од Романија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора кои се борат против огнената стихија им додели благодарница и прогоден подарок карактеристичен за Македонија.
Ненад Дубљевиќ капетан – прв пилот на хеликоптер Бел 412 во Воено Воздухопловство на Црна Гора кој неколку дена дејствува врз пожарите низ Македонија разговараше со Ангелов при што на македонски јазик кажа дека најголем проблем се пожарите во високите борови шуми.
Дубљевиќ откри дека учел и живеел во Македонија, затоа зборува македонски јазик, а и неговата сопруга е Македонка.
Мајор Новаковиќ Бранимир пилот на КАМОВ КА32 (ЦРВЕНИОТ ЅВЕР) од Мнистерството за внатрешни работи на Република Србија исто така разговараше со Ангелов и објасни детали за рускиот хеликоптер КАМОВ КА32 кој Србија го прати на помош во Македонија.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.