Патот на Албанија за пристапување во Европската Унија ќе биде одвоен од Македонија, а првиот преговарачки кластер официјално ќе биде отворен на 15 октомври, едногласно одлучија амбасадорите на земјите членки на ЕУ, пишува паневропската новинската мрежа специјализирана за европски прашања „Еурактив“.
Медиумот потсетува дека патот на двете земји од Западен Балкан за пристапување во Европската Унија беше споен и дека двете заедно ги започнаа преговорите за членство во јули 2022 година.
Според последната одлука на ЕУ, Албанија следниот чекор треба да го направи на меѓувладината конференција во октомври со отворањето на првиот кластер „Темелни вредности“ кој вклучува неколку поглавја – јавни набавки, статистика, судство и основни права, правда, слобода и безбедност и финансиска контрола.
Ова, пишува „Еурактив“, е добра вест за Албанија во нејзините напори за исполнување на барањата за напредок на европскиот пат, но е назадување за Македонија која уште еднаш не успеа да направи одлучувачки чекор во пристапувањето кон Унијата.
„По години фрустрација, Бугарија и Северна Македонија, под француското претседателство со ЕУ во јули 2022 година, се согласија за промена на Уставот на Македонија за вклучување на бугарското малцинство заедно со другите малцинства споменати како ‘турски народ, влашки народ, српски народ, ромски народ, бошњачки народ и други’. Со тоа Софија би го укинала ветото за напредок на преговорите на Скопје. Сепак, договорот не е имплементиран поради недостаток на политичка волја и консензус во Северна Македонија. Во моментов 100 000 македонски државјани имаат бугарско државјанство, што значи дека го докажале своето бугарско потекло“,пишува „Еурактив“.
По изборите во мај годинава, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, владата на Христијан Мицкоски стави до знаење дека сака да го репреговара т.н. „француски предлог“, што, како што потсетува „Еурактив“, наиде на отфрлање од ЕУ која предупреди дека следниот чекор ќе биде одвојување на Македонија и Албанија од патот кон ЕУ.
„По мајските избори, Македонија се соочи со своите соседи Грција и Бугарија, членки на ЕУ. Прво, новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова предизвика реакции кај Грција со тоа што не го употреби уставното име ‘Северна Македонија’ за време на нејзиниот инаугурациски говор. Земјата ја додаде додавката ‘северна’ во своето име во 2018 година за да го прекине долгогодишниот спор со Грција, по историскиот договор од Преспа. Неодамна, пак, владата на Мицкоски влезе во конфликт со официјална Софија под изговор дека протоколот на бугарскиот претседател Румен Радев не го поставил македонското знаме при неодамнешната посета на Сиљановска-Давкова на Бугарија“, се додава во статијата на медиумот.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.