
Македонија
Колумна
Разочарувачки е што за кањонот Матка, кој е прогласен за споменик на природата, се грижат 39 институции, а ниту една од нив не е кадарна да сруши дивоградбиче среде вештачкото езеро. Зачудувачки е да се следат службите како си ги префрлаат ингеренциите и обврските, за на крај градоначалникот на Сарај да излезе со предлог за помирување и соломонски да изјави оти најубаво е ништо да не се руши, туку да се легализира
При еден таков, навидум, безначаен и едноставен пример може да забележите како функционираат институциите, а пред сè, како функционира правната држава во нашата земја., пишува во својата колумна Горан Адановски за независен.мк Со рушење и почитување на законите никој не сака да се нафати. Всушност, да не се лажеме, работата е сомнителна од почетокот, белки некој верува оти браќата од Глумово на своја рака сами почнале да ја градат платформата и да го започнат бизнисот со чамците. Никој и не крие оти дивиот објект е почнат да се гради уште минатата година, а мајсторите не градат во темници, ниту, пак, конструкцијата никна преку ноќ. Чекор по чекор ќе се изгради и кафуле или ресторан. Оди тогаш па руши.

»Тешко е да се фатат конците и да се види кој требало прв да реагира, кој што направил, кој што пропуштил и сега што ќе се случува. Надлежните служби на Градот Скопје излегле на терен и виделе дека објектот е дивоградба, ама немаат ингеренции да рушат, па му се пожалиле на Инспекцискиот совет.«
Тие, пак, му јавиле на Градскиот државен инспекторат дека од Општина Сарај не преземаат никакви мерки, поради што бараат да им ги одземат надлежностите. Со други зборови, да ѝ забранат на општината да врши контроли од областа на урбанизмот. Ако навистина се случи тоа, ќе претставува голем хендикеп за Сарај, бидејќи во минатото беа ептен агилни и не дозволуваа шајка да се закачи без нивна дозвола.
Очигледно е дека нема да дојде до такво сценарио, па затоа најфер е да им помогнеме на луѓето во општината да најдат човек што ќе сака да работи на местото на градежниот инспектор што заминал во пензија. Нејасно е како при толкав број невработени и школувани лица, не се нашол никој да се пријави на јавниот оглас. Другиот инспектор, оној комуналниот, токму сега е на боледување кога изби аферата со платформата на Матка. Што да се прави, и да сака Сарај да направи нешто – не може, клучните луѓе не им се на работа.

Во ситуација кога инспекторот од општина Сарај не ги извршил законските обврски , тогаш надлежностите ќе ги преземе државниот градежен инспекторат.
Повеќе од три недели нема одговори кој прави платформи кај Матка. Дрвените платформи се дивогради, но засега градоначалникот на Сарај бара решение преку нивно легализирање а не уривање.
Она што создава чувство на горчина е ноншалантноста на институциите што се должни да ги штитат законите и да обезбедат правда и еднаквост. Боли тоа што ситните интереси секогаш се ставаат над оние на граѓаните и на општеството и притоа се продаваат евтини трикови за немање ингеренции.
За скопјани, а уште повеќе за странските туристи, заситени од стутканиот центар на градот, кањонот и езерото Матка се атрактивна дестинација. Матка нуди планинарење, пливање, пешачење, кану, пештерски туризам, алпинизам, историски знаменитости, како и можност за гледање на интересни птици и пеперутки. Кањонот содржи средновековни манастири со одлични фрески и многу пештери – дел од нив достапни со чамец преку езерото Матка. Доколку не се стави крај на проституирањето на туристичката атракција кое е во зачеток, за многу кратко време ќе исчезне и овој автентичен белег.
Решете го проблемот, одважете се и реагирајте. Прво таму, а потоа и насекаде низ градот и во државата. Тогаш ќе може да кажеме дека ќе нè биде.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.