
Македонија
Анализа
Според досега објавените анкети од МЦМС, М-Проспект и други агенции, се очекува излезеноста во првиот круг да биде 47-48% од запишаните гласачи, што е околу 865.000 избирачи. Нашата анализа на сите параметри од овие анкети, но и преку споредба на излезеноста и на претходните изборни искуства се движи во следниве рамки:
-
Блерим Река 95.000 гласови
-
Гордана Силјановска 388.000 гласови
-
Стево Пендаровски 368.000 гласови
-
неважечки 14.000 гласачки ливчиња
Прво, излезеноста на овие избори ќе биде пониска. На претседателските избори во 2014 година во првиот круг на гласање излегле 1.005.000 гласачи, но сега се очекува избирачкото право да го искористат околу 865.000 граѓани. Разликата со 2014-та година е што тогаш се одржуваа заеднички претседателски и парламентарни избори, што силно ја зголемува мотивираноста на гласачите за учество на изборите, и што тогаш во првиот круг имаше четири кандидати за претседател, а сега се три претседателски кандидати. Дополнително, бројот на регистрирани гласачи кои реално се запишани во списокот, но се иселиле заради економски причини во странство и не живеат во Македонија, секоја година е се поголем, па и тоа ќе придонесе за помал одзив при гласањето. Помал дел од гласачите кои се генерално разочарани од политиката може и воопшто да не гласаат.
Анкетите генерално го покажуваа следниот тренд: Блерим Река 10,5%, Силјановска Давкова 24%, Стево Пендаровски 26,7%, и тоа се оние веќе определени 530.000 гласачи кои знаат за кого ќе гласаат и кај нив претежно доминира партиската определба. Но, притоа клучниот контингент на гласачи рекле дека
-
сеуште не одлучиле за кого ќе гласаат 15,8%, или одбиваат да се изјаснат за кого ќе гласаат 6%, што вкупно земено е бројка од речиси 190.000 гласачи.
-
а за ниту еден нема да гласаат 16,4%, што е бројка од 141.000 избирачи. Оваа бројка, како што се доближува денот на гласањето, најчесто опаѓа и дел од гласачите, 10-20.000 сепак наоѓаат некој личен, политички, роднински, локален, економски или национален мотив да излезат на гласање и да учествуваат во изборите.
Според претходните изборни искуства, и на претседателски и на парламентарни избори, поголемиот број од оние граѓани кои на телефонски или тет-а-тет анкети одговараат со “сеуште не сум се определил“ или “одбивам да одговорам за кого ќе гласам“, најчесто се анти-владино настроени гласачи кои не сакаат преку одговорот од анкетата некој од власта (градоначалник, министер, директор, началниик на полиција и сл.) да им ги дознае намерите, а со тоа и да се заштитат од ризикот на можни последици по нивните работни места или нивните потреби и/или услуги кои ги имаат кон или од државните институции. Затоа нашата проценка е дека тие 190-200.000 гласачи ќе ги одлучат изборите, а дека најголемиот број од овие гласови ќе оди на контото на кандидатот на опозицијата проф. Силјановска, помал процент ќе му дадат доверба на Блерим Река, кој исто може да се смета како опозиционен кандидат кој претежно ќе привлече гласачи Албанци, додека најмал процент од овие на анкети неизјаснети граѓани, би гласале за кандидатот на власта Стево Пендаровски. Дел од гласачите кои се незадоволни од актиелните политики, сакаат да гласаат, но не гледаат вистински избор во понудените кандидати, се очекува да го направат нивното гласачко ливче неважечко, а нашата прогноза е дека таа бројка ќе биде околу 14-15.000. Доколку оваа анализа биде приближна или точна со исходот од првиот круг на претседателските избори, за моране победник во првиот круг ќе може да се прогласи кандидатот Блерим Река.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.