Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов не размислува да поднесе оставка по вчерашниот пожар кој пеплоса делови од Кочани и шумата над градот. Жителите на Кочани со часови панично бараа помош додека се обидуваа со кофи да го изгаснат огнот кој се прошири до куќите, а неколку и беа зафатени. Сега бараат оставка од Ангелов.
„Јас мислам дека треба да бидам награден, а не да поднесам оставка. Успеав да го спасам Кочани“, изјави директорот Ангелов за „А1он“ во пресрет на прес – конференцијата на која најави дека ќе ги соопшти сите детали околу пожарот во Кочани и справувањето со него.
Утрово кочанчани ги сумираат штетите од пожарот. Има изгорени куќи, изгорени автомобили кои биле паркирани на улиците од каде се ширел пожарот, голем дел од шумата, а веќе се споделуваат фотографии од изгорени животни во шумата над градот.
Деветмина жители на Кочани вчера побараа помош оти вдишале чад од пожарот. Министерството за здравство соопшти дека се чувствуваат добро и сите се пуштени на домашно лекување.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.