Став од Влада

Објавил: Калина Мартинска | 10 август, 2024 13:44

Афрона Вервизоли ќе биде разрешена, ќе има одговорност и за злоупотребите на ИПА фондовите, велат од Владата

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Назначената Афрона Вервизоли утре ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фодновите, брифираат од Владата.

Воедно, велат од Владата, потребно е вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите кои беа присутни во изминатиов период, а за кои постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра. „Пренасочувањето на вниманието кон други теми го толкуваме како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби. Одговорност ќе има“, велат од Владата.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Делегацијата на ЕУ во Македонија го разгледуваат случајот со именувањето на главен ревизор на Ревизијата на претпристапната помош. Со владина одлука, од минатата недела на таа позиција е назначена Афрона Вервизоли која нема соодветни квалификации за таа позиција. Нема официјални информации дали Вервизоли има ревизорско искуство и соодветен ревизорски сертификат, што е услов за изборот на кандидат за таква позиција.

Од ДКСК соопштија дека до Ревизорското тело за ИПА фондови во Скопје е доставено барање за информации кои законски услови се потребни за некој да биде назначен на оваа позиција. Главниот ревизор на Ревизијата на претпристапната помош треба да контролира како се трошат европските пари од ИПА фондовите.

Овој случај предизвика интерес и во Делегацијата на ЕУ во Скопје од каде велат дека сите функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми за вршење на функцијата.

Вервизоли е дипломирана економистка и досега работела на шалтер во банка. Условот за главен ревизор е кандидатот да има соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата, уверение за стекнато звање од областа на ревизијата. Предлогот за Вервизоли, изгласан од Владата, бил на коалицијата Вреди.

Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат и пред ЕУ.

Во член 5 од Законот за ревизија пишува дека за именување на главниот ревизор за ИПА и на заменикот, се објавува јавен оглас, а кандидатите треба да имаат високо образование од областа на економските или правните науки, да имаат најмалку седум години искуство во областа на економијата или правото, да имаат уверение за стекнато звање од областа на ревизијата, дa поседуваaт еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години: ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен, БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или  АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2)…

Претходно, со рекација се јавија и од Бихакќа.

„Најновите кадровски решенија за кои граѓаните се во шок, се новиот директорот на Клиниката за урологија Башким Шабани и главниот ревизор на Ревизијата на претпристапната помош, Афрона Вервизоли.

Шабани има судска пресуда од 2020 година со која е виновен дека во 2019 претепал колега, удирајќи го по главата и по телото. Насилници и бивши осудени лица се очигледно главни кандидати за функционери и директори.

Второто кадровско решение, Афрона Вервизоли, кое веќе го истражува Делегацијата на ЕУ во Македонија е целосно потценување на позицијата. Со владина одлука, од минатата недела на таа позиција е назначена Афрона Вервизоли која според медиумите нема соодветни квалификации за таа позиција. Според достапните информации, Вервизоли работела на шалтер во банка, а сега ќе треба да биде главен ревизор на претпристапната помош во ЕУ. Ваков напредок во кариерата е можен само во Владата на Мицкоски, а кои се причините должен е да каже тој.

За потсетување, професор по физичкo и доктор по Кинезологија е заменик министер во МВР.  Во Министерството за одбрана има економистка со искуство во маркетинг областа.  Заменичка министерка во Министерството за спорт на Мицкоски пак ќе му биде дипломирана информатичарка, Сејфие Садик.  Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја направија Владата и институциите партиско дувло каде се вдомуваат партиски кадри кои не смеат и не треба да бидат на функции“, соопшти СДСМ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.