Весникот анализира

Објавил: Калина Мартинска | 14 ноември, 2024 10:36

Ахмети ќе ги крева на одбрана сите Албанци за да се спаси себеси

Фото/Текст извор: ©novamakedonija.mk

Заканите и уцените со дестабилизација на државата станаа практика откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) замина во опозиција, која наместо да се сврти кон себе и да анализира каде потфрлила (кои членови злоупотребиле овластувања, некои биле корумпирани, некои тргувале со моќ и сл.) за време на дводецениското владеење, ДУИ упорно продолжува да се прикажува како жртва на изборниот процес, на која „неправедно ѝ е одземено правото да биде дел од владејачкото мнозинство“!?

Имено, откако не му успеа преписката со меѓународните центри и тоа излезе еднонасочна кореспонденција, првиот човек на интегративците Али Ахмети повторно се заканува со дестабилизација на државата, овој пат уште поостро.
– Ако се направи каква било промена што го засега албанскиот јазик, сите Албанци ќе се кренат во одбрана – изјави Али Ахмети за време на неодамнешниот партиски собир во скопската населба Шуто Оризари, нагласувајќи ја реакцијата што ја очекува ако Уставниот суд одлучи поинаку од она што си го замислиле интегративците.

Ахмети и претходно најавуваше дестабилизација на државата, повикуваше Албанците да излезат на есенски протести и слично, но откако увиде дека меѓу албанското население во земјава нема посебно расположение да се одзива на неговите повици за протести, првиот човек на интегративците прибегна кон нова тактика, воинствен восклик за одбрана.

Ваквиот настап на Ахмети се случува секогаш кога му гори под нозете, односно кога се соочува со можни обвиненија за криминал и корупција сторени во времето додека беше на власт. Дополнително, врз плеќите му тежат и обвиненијата за воени злосторства, кои Хаг повторно ги поведува така што бара од македонските судски власти да почнат да постапуваат и тие да добијат соодветна судска разврска.
Притиснат од ваквите потенцијални обвиненија, на Ахмети не му преостанува ништо друго освен очајнички да се заканува со дестабилизација на државата, иако неговите повици сѐ помалку наидуваат на прифаќање кај албанската заедница во земјава, која е свесна дека од дводецениското владеење на ДУИ обичните граѓани не добија ништо, додека водството на партијата добро се офајди финансиски. Затоа сега повиците на Ахмети се повеќе во насока да се спаси себеси, прикажувајќи се сѐ уште како некаков фактор, отколку како некој што се бори за интересите на граѓаните.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов се согласува дека ваквите изјави за дестабилизација на земјата се недвосмислен израз на паниката што е присутна кај првиот човек на интегративците.

– Ваквиот настап на Ахмети е своевидна одбрана, имено во смисла „нападот е најдобрата одбрана“. Во последно време се актуализираат тие настани од 2001 година и тој се чувствува загрозено и сега ова е дефанзивно-офанзивна политика. Меѓутоа, тоа не води никаде. Ескалацијата на тие меѓуетнички односи не може да донесе ништо бидејќи ситуацијата не е веќе како во 2001 година, сега работите се многу поинакви – вели Јањатов.

Според него, конфузијата што владее кај Ахмети несомнено е предизвикана од потенцијалните обвиненија за сторен криминал во земјава, но и за воени злосторства од времето на воениот конфликт.

– Ахмети е притиснат. Ни лево, ни десно, не знае каде да оди. Дејствува дезориентирано. Од една страна би можел да се соочи со обвинувања за криминал и корупција, од друга страна партијата не му стои добро. Тој е во некоја паника и не е исклучено да направи некаков лош потег, но нема да му помине тоа – констатира Јањатов.

Јавноста треба да биде спокојна од ваквите блефови со изливи на радикален милитаризам. И меѓународната јавност е свесна за тоа. Веќе има информации дека наскоро ќе биде повикан во Хаг, но во кое својство, тоа сѐ уште не е дефинирано.

Линк до целата анализа на врсникот Нова Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.