Вкусен Битолски зелник.

Објавил: Сара Фемина | 13 мај, 2019 22:07

Битолски зелник со месо и праз!

Фото/Текст извор: ©онлине магазин

Зелник е традиционално македонско јадење, коешто се состои од тенки слоеви на кори, полнети со сирење, јајца, праз, киселец или мелено месо.

Во текот на зимскиот период, зелникот може да биде исполнет со зелка или спанаќ. Зелникот обично се послужува топол и со јогурт.
Освен во македонската, зелникот се среќава и во кујните на другите балкански земји.

Зелникот е сличен на јадењето „зелен бурек“ коешто е распространето во Турција и Средна Азија. За разлика од зелникот, зелениот бурек се приготвува за празници и феситвали, а се послужува со кефир. Кората и слоевите на зелениот бурек се потенки и полнети со други состојки. 

Поимот „зелник“ потекнува од зборот „зелје“ и се однесува на главните состојки од кои истиот се приготвува.

Состојки

800 г брашно

околу 500 мл млака вода (по потреба)

1 рамно лажиче сол

прстофат сув квасец

1 лажица оцет

сало или маргарин по потреба (за премачкување)

Зајре

2 страка праз

300 г мелено месо

зачини сол и црн бибер по вкус

Подготовка

1. Се замесува средно меко и нелепливо тесто, водата се додава полека се додека има потреба, зависи од брашното, можи повеќе, можи помалку вода да е потребно. Тестото се меси убаво добри 20 минути, колку подолго се меси, толку подобро. Тестото е готово кога на пресек се појавуваат меурчиња (мали шуплини).

2. Поделете го на два дела, едниот дел нека биди малку поголем, тој ќе биди за долната кора.

3. Двата дела се делат на по 6-7 топчиња. Секое топче се расукува во форма на диск со големина на чинија и се премачкува со растопено сало и дисковите се редат еден врз друг. На последниот диск не се става сало.

4. Вака припременото тесто се става во фрижидер и се повторува постапката и со вториот дел. Нека одморат тестата во фрижидер, а во меѓувреме направете го зајрето.

5. Се запржува исечканиот праз, потоа се додава меленото месо, убаво се запржува и на крај се додава сол и бибер.

6. Извадете го првото тесто од фрижидер и исукајте кора со сукало со големина на плехот во кој ќе печете. Јас го користам најголемиот плех што си е од самиот шпорет.

7.Ставете ја кората во намастен плех, краевите нека висат надвор. Ставете го зајрето и убаво распоредете го. Повторете ја постапката и со втората кора со тоа што кога ќе ја поставувате, наберете ја насекаде. Затворете ги краевите на зелникот со вртење во спирала.

8. Попрскајте го зелникот со малку зејтин и ставете го да се печи на 200 степени околу половина час или додека не зарумени убаво.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Рецепти