
Спорт
Ракомет
Ракометарите на Вардар со голема победа го започнаа настапот во новата сезона во најелитното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите. Европскиот првак од две сезони славеше на гостувањето кај актуелниот европски првак, Монпелје, со 24-27.
Во првиот дел најчесто се играше гол за гол и само еднаш една од екипите, Вардар, водеше со два гола разлика – 4-6, во 10. минута. Симоне и Порт набрзина израмнија на 6-6 и оттогаш до крајот на полувремето продолжи резултатската клацкалка.
Вреди да се издвои моментот во 23. минута, при резултат 9-9, кога голманот на „црвено-црните“, Дејан Милосављев запиша тројна одбрана. Најпрво ја запре контрата на Мамду, а потоа топката дојде до истиот ракометар, но и тој обид беше запрен. Трета шанса имаа домашните за десетина секунди, но повторно српскиот голман беше подобар од Кос.
Сепак, вардарци не реализираа во следната акција и Симоне казни за 10-9. Набрзина Скубе беше прецизен на спротивната страна за 10-10, а на истекот на последните секунди нашиот тим доби седмерец, кој го погоди Чупиќ за 11-12 на пауза.

Борозан и Дибиров за една минута во вториот дел го донесоа највисокото водство за вардарци, 11-14, но следеа две одбрани на Жерар во продолжение и Монпелје се врати на гол негатива. Беше 15-18 по 40 минути игра, но тогаш почна лошиот период на Вардар. Со играч помалку „црвено-црниот“ тим немаше решение во нападот и Французите набрзина домаќините дадоа четири голови за 19-18.
По тајм-аутот на Парондо вардарци израмнија на 19-19 и во следниот период продолжи играта гол за гол. Милосављев одбрани два шута, Чупиќ даде гол од пенал и Вардар се одлепи на +3 на пет минути до истекот. Мораес стрелаше за 23-27 и веќе беше јасно кој е победникот. До крајот следеше уште еден гол на домашните за конечни 24-27 и голема победа на вардарци.
Најдобар стрелец во вардаровиот тим беше Борозан со осум, Чупиќ реализираше шест, Скубе пет погодоци, додека голманот Милосављев запиша 16 интервенции. Кај Монпелје се истакнаа Кавтичник со шест и Порт со три погодоци. Следен предизвик за Вардар во Лигта на шампионите ќе биде дуелот со шведскиот Кристијанштад на домашен терен.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.