Васко Ковачевски не е во државата подолго време, но очекувам и да го обезебдиме и да го вратиме во државата, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање околу големата полициска акција во која се уапсени поранешни раководни лица во Електрани на Македонија (ЕСМ), РЕК „Битола“ и други подружници, осомничени за злоупотреби на јавни набавки.
Ковачевски е поранешен директор на ЕСМ и РЕК „Битола“.
„23-ца се обезбедени, минус еден кој очекувам брзо денес да биде обезбеден пред правдата. И сите тие да дадат одговор за основаните сомневања. Од информациите што ги имам од МВР, се работи за добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица кои управувале други правни субјекти, кои се здружиле и за кои постои сомневање дека направиле криминал од 6,5 милиони евра. Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставиме на обвинителството и судовите, мора да веруваме на пресумпцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Нема од ова да правиме циркус и естрада“, рече Мицкоски.
Од МВР соопштија дека во тек е е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и дека ќе следат детали по завршувањето на акцијата. Од Обвинителството потврдија дека акцијата се спроведува под координација на двајца обвинители на ОЈО ГОКК.
Акцијата се спроведува во Скопје, Битола, Велес и Кичево, се однесува на злоупотреби во РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“, а осомничени се лица од претходните раковоства во ЕСМ и подружниците.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.