
Македонија
Вести
Позитивна и конструктивна. Вака Русија ја оцени денешната средба во Ријад меѓу делегациите на Вашингтон и Москва, предводени од шефовите на дипломатиите.
Задоволството на руската страна е очигледно, но не поради првиот чекор кон нормализација на односите со САД, каков што е официјалниот став на Кремљ, туку затоа што за помалку од една седмица, Москва успеа да го направи тоа што со децении претходно не успеваше, да внесе раздор меѓу западните земји.
Вашингтон во линија на претприемачкиот дух, кој стана нов принцип на американската надворешна политика, има различно сфаќање за ситуацијата околу Украина и загриженоста на останатите западни сојузници.
„Претседателот Трамп е решен да дејствува многу брзо. Само што имавме телефонски разговор помеѓу претседателите на државите, прв таков после години, и помалку од една седмица подоцна еве сме на највисоките нивоа на американската и руската влада, и очекуваме да продолжиме со тоа темпо, не само да ја завршиме војната туку и да ги одблокираме тоа што во иднина може да прераснат во многу продуктивни и стабилизирачки односи“, изјави Мајк Валц, советник за национална безбедност на САД.
Отсуството на Европјаните од масата во Ријад го принуди Зеленски по заобиколен пат да бара место од кое неговата земја ќе има збор. Денеска пристигна во Анкара на разговори со турскиот претседател Ердоган, пред утре да ја посети саудиската престолнина. Украинскиот претседател веднаш по објавувањето на средбата во Ријад порача дека неговата земја нема да прифати мировен договор во чии преговори не учествувала.
И додека целиот свет очекуваше вести од Ријад, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков го искористи вниманието за да го продлабочи раздорот кај западот. Суверено право на Украина било да бара членство во Европската Унија (ЕУ) и Москва нема да се противи на тоа, но членството во НАТО е сосема друга работа.
Американците инсистираа дека целта на денешната средба во Саудиска Арабија беше да ја испитаат подготвеноста и искреноста на сигналите кои излегуваа од Русија за преговори за мир, но двете страни се договорија за продолжување на овој процес. Двете страни ќе формираат тимови на високо ниво да ги продолжат разговорите, како за билатералните односи, така и за ставање крај на војната во Украина, а тоа за Лавров беше доволно да констатира дека САД и Русија се согласиле за обновување на целосната соработка.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.