Промоцијата на македонскиот фолклор поддржан од програмата Еразмус +

Објавил: Стефан Каневче | 20 март, 2019 10:45

Велика Стојкова: Нематеријалното наследство е во алармантна состојба

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Препознаени европски вредности во сферата на македонскиот фолклор, поддржани од програмата Еразмус + . Националниот Комитет на ИСТМ за Македонија, од 21-26 март ќе биде домаќин на втората сесија трансрегионални работилници и семинар на европската програма ЕРАЗМУС +.

Проектот со наслов „УНЕСКОви препознаени и споделени вредности“, опфаќа вмрежување на носители на 4 видови полифони пеења (сите впишани во УНЕСКО) од 4 европски земји (Летонија, Естонија Македонија и Грузија). 

Во организација на Националниот комитет на ИСТМ за Македонија, од 21 до 26 март во Република Македонија ќе се реализира втората фаза на ЕРАЗМУС + проектот насловен како „УНЕСКО препознаени и споделени вредности“- Транснационални средби и работилници, во кој, освен македонскиот Националниот комитет, учествуваат и Етничкиот културен центар на Суити народот од Република Летонија, Фондацијата КИХНУ од Република Естонија и Грузискиот центар за уметност и култура од Република Грузија. 

Eразмус плус е програма на Европската Унија дизајнирана да ги поддржи напорите на земјите-членки но и земјите кандидати за влез во Унијата за ефикасно искористување на потенцијалот на европските таленти и одделува општествени средства во различни домени на мобилност вклучително и во делот за т.н. доживотно учење, поврзувајќи ги формалното и неформалното учење преку обуки. Програмата исто така има за цел да ги подобри можностите за соработка и мобилност со земји партнери во согласност со целите на Стратегијата Европа 2020. 

Токму оваа Програма во ноември минатата 2018 година ги обедини Летонија, Грузија, Естонија и Македонија чии претставници во Рига, Летонија го потпишаа договорот за соработка на проект кој вклучува споделување на УНЕСКОви вредности во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство. Преку неформални обуки, работилници и споделување на искуствата од процесите на заштита на четири нематеријални добра, кои се на листите на УНЕСКО, учесниците во овој проект започнаа преку отворени методи да инвестираат во знаења, вештини и способности кои ќе им користат и на поединците- носители на заштитените нематеријални културни добра, но и на институциите, организациите и општеството како целина. 

Велика Стојкова Серафимовска е на чело на Националниот комитет на ИСТМ (Интернационален совет за традиционална музика), акредитирана невладина организација за заштита на овој вид наследство на национално ниво. Од 21 до 26 март во тетовскиот регион ќе се одржи настан, кој е директно поврзан со заштита, зачувување, промоција, едукација и презентација на Гласоечкото пеење од тамошниот Долни Полог. Ќе има и гости од Латвија, Естонија и Грузија со што се работи и на меѓународна промоција на Гласоечкото пеење.

 

Овие организации се дел од националните мрежи за заштита на нематеријалното културно наследство на нивните земји. Конкретно во овој проект се вмрежени четири различни видови на повеќегласно пеење: од Естонија полифоното пеење на Сето народот, од северот на Летонија полифоното пеење на Суити народот, од Грузија познатото грузиско полифоно пеење и од Македонија тетовското гласоечко пеење кај Македонците од Долни Полог, сите веќе впишани на УНЕСКО-вите листи на нематеријалното културно наследство на човештвото. Во проектот, покрај невладините здруженија, вклучени се и носители на повеќегласно пеење од државите, меѓу кои од Македонија и претставници од тетовскиот регион: триото Гавровски, КУД „Извор“ од Јегуновце, и други носители на ова добро кои се запишани во досието на Гласоечкото пеење за Ургентна заштита во УНЕСКО. 

Со оглед дека еден од носителите на оваа традиција е и општината Јегуновце, која во два наврати (2011 и 2014 година) даде писмена поддршка на процесот на заштита на Гласоечкото пеење, на 23 март учесниците од четирите земји ќе бидат гости на актуелниот градоначалник на општината, г-дин Дарко Блажески и на КУД „Извор“, кои како домаќини ќе имаат своја презентација на традиционалната носија, традиционална храна и секако на Гласоечкото пеење од Посеље.

Програмата на овој настан предвидува и презентација и работилница за гласоечко пеење на која ќе се покаже процесот на трансмисија на знаењето за загрозеното „Гласоечко“ пеење по семејна линија и како тоа генерациски се пренесува во семејството Гавровски, при што ќе биде претставен и подмладокот на школата Гавровски, од село Сиричино.

По оваа работилница, што ќе се одржи на 24.03.2019 година во Центарот за култура во манастирот во Лешок, Националниот Комитет на ИСТМ за Македонија ќе организира трибина, на која за процесот на заштита на „Гласоечкото“ пеење на национално, односно меѓународно ниво, ќе говорат д-р Велика Стојкова Серафимовска – претседател на Националниот комитет, г-ѓа Лидија Топузовска, поранешен Генерален секретар на Националната канцеларија на УНЕСКО за Македонија и м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Управата за заштита на културното наследство.

Со цел промоција на следните кандидати за некоја од листите на УНЕСКО, предвидена е и посета на старата Скопска чаршија, градовите Охрид и Битола, како и на локалитети кои се потенцијални кандидати за впишување на некоја од листите на УНЕСКО.

Велика Стојкова во интервју за Нова Македонија посочува дека  “од 2011 година Република Македонија, односно Министерството за култура и Националната комисија на УНЕСКО започнаа интензивен процес за заштита и зачувување на нематеријалното културно наследство на сите граѓани што живеат во државата. Преку еден комплексен процес во кој беа вклучени неколку клучни институции и организации, заклучно со 2017 година впишавме пет нематеријални добра во листите на УНЕСКО, а истовремено се работеше на впишување добра во единствениот Национален регистар на културно наследство на Р Македонија каде што досега се впишани околу 100 нематеријални добра. Сепак, со општествените промени во 2016 г., овој процес застана, а одговорноста за тоа треба да се бара во Министерството за култура, кое е иницијатор на сите процеси и ги раководи службите, телата и институциите надлежни за оваа дејност. Националниот совет за културно наследство на Р Македонија не функционира веќе две години, а нема комуникација ниту со канцеларијата на УНЕСКО за овој вид наследство. Според моите сознанија, Македонија нема ниту иницијатива, ниту предлог за ново впишување во УНЕСКО што, секако, го ретерира целиот процес и на национално ниво. Како држава имавме одлична позиција во унесковиот меѓувладин комитет на нематеријално културно наследство, но со прекинувањето на комуникациите секако се губи континуитетот, кој потоа тешко ќе се поврати назад“.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Култура

Гласањето за Радио-наградите на Евровизија 2019 година траеше од 1 до 10 јуни, а фановите и слушателите на Евровизискиот натпревар низ светот одлучуваа кому ќе му припаднат трофеите.

Тамара се закити со признание: Избрана за најдобар женски вокал на Евровизија!

 Македонската претставничка Тамара Тодевска, го доби признанието за  најдобар...

Во знак на благодарност и големиот успех по кој Македонија се уште е во еуфорија, две горди македонски решија да направат песна за европскиот првак.

ВИДЕО: Европскиот првак Вардар доби нова песна, девојки растуривте!!!

Откако македонскиот ракометен шампион ја освои втората европска титула, цела Македонија...