
Македонија
InMemoriam
Масакр кај Вејце е најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија. Масакрот се случи на 28 април 2001 година во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски беа убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имаше и шестмина повредени.
При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа и во безизлезна правлива кривина, на планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, војниците и полицајците даваа получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.

Вејце од 2001 останува во колективната меморија на Македонците како место на беспримерно злосторство, симбол на можеби најстрашното од мноштвото предавства со кои е исполнета македонската историја, најголем пораз на државните институции од група терористи и бандити, зашто до денес не се оформи, а камоли да се заокружи некаква судска разврска и некој да биде земен на одговорност.
Воениот конфликт неофицијално во Македонија започнал кон крајот на јануари 2001 година во пограничното село Танушевци. По двонеделни препукувања, бојното поле се префрлило во Тетово. Во месноста Кале во Тетово, на 14 март биле регистрирани вооружени напади врз безбедносната полиција.
Веќе на 23 март, од страна на властите во Македонија била донесена одлука за голем напад врз позициите на ОНА. Македонската армија им нанела голем пораз на припадниците на ОНА. Според некои извори, Албанците сепак не биле спремни и не очекувале таков напад во тоа време од страна на македонската полиција.

После успешната акција за освојување на Тетовското Кале, стивнаа вооружените пресметки. Се сметаше дека терористите беа целосно разбиени од територијата на Македонија. Две недели пред масакрот кај Вејце немало никакви борби. Ова е можеби една од причините за високиот број на жртви. Во меѓувреме имаше секој ден рутински контроли, кој до 28 април 2001 завршија мирни и без некакви инциденти или борби.
Водникот Миле Јаневски – Џингар управувајќи војнички хамер, март или април 2001 година. Непосредно пред да се случи заседата кај Вејце, водникот Бобан Трајковски бил во хамерот кои го управувал Миле. Двајцата после тоа се убиени и масакрирани.
На 28 април 2001 година, комбинираната патрола, составена од 16 припадници на безбедносните сили, и тоа осум од Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ и осум од Посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера.
Пред селото Селце, кај чешмата, направиле мала пауза каде се сретнале со претходната патрола, која се враќала од селото Бродец. Во разговорот им сугерирале да се вратат зашто немало потреба да одат во Вејце, но тоа не било прифатено. Дисциплинирано и професионално патролата без проблеми поминала низ селото Селце и по тесен планински правлив пат се упатила кон селото Вејце. Во околу 17:45 часот на патот помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина, засечена од двете страни со косини до три метри визочина. Кога првите три возила навлегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористите. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. Се пукало без престанок од 17:45 до 18:20 часот.
Припадниците на безбедносните сили биле изненадени и непоготвени, но сепак почнале да излегуваат од возилата и да даваат отпор, но станале отворени цели, така што многумина веднаш биле смртно погодени.
Со првото возило „хамер“, во кое биле четири припадници на БСН Волци, управувал Миле Јаневски. Откако стивнала канонадата од истрели од страна на терористите, прв од возилото излегол Миле Јаневски, кој иако бил ранет, успеал да залегне под возилото и да дава отпор. На совозачот Бобан Трајковски, само што излегол од возилото, смртно му се нанесени неколку рани. Како резултат на хеморалгичен шок, порадни огнострелан канал на срцето и загубата на поголемо количество крв, Бобан умира. Т.К. уште во „хамерот“ бил ранет во левата подлактица и градниот кош, со што бил онеспособен да се брани. Излегол од возилото и се упатил назад кон последното возило „лада нива“ каде што биле битолските полицајци, кои не биле на видик на напаѓачите, за да му укажат прва помош.
При повлекувањето Т.К. бил повторно погоден, сега во десната предна страна на градниот кош. Потоа заедно со командирот на патролата К.К. се спуштиле по стрмнината и слегле до реката Пена и во 21:15 часот, стигнале во село Селце каде биле прифатени од „волците“. Со санитетско возило Т.К. бил пренесен во воената болница во Скопје, каде што му се санирани раните. Четвртиот „волк“ од првото возило Б.С. задобил најтешки повреди во стомакот (две влезни рани и повреди на внатрешните органи).
Сепак, тој успеал да излезе од клопката и заедно со преживеаните полицајци, пешки стигнал до село Селце, од каде со санитетско возило бил префрлен во воената болница во Скопје, каде што му се извршени неколку тешки хирурски зафати, со што му е спасен животот.
Уште при првите истрели, тројцата полицајци Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, зазеле позиции зад возилото, но, за жал, брзо се здобиле со тешки рани од кои некои се смртоносни.
Четвртиот нивни колега Илче Стојановски, успеал да се повлече и да стигне до третото возило „хамер“, каде што заедно со ранетиот „волк“ Игор Костески давале отпор.
Преку мобилниот телефон Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал, не ја добиле. Еден близок другар на Илче има изјавено:„…му го препознав гласот и му реков на командирот да се вратиме и да им помогнеме.“ Уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница.
Постојат многу нејасности околу масакрот кај Вејце. На каква задача била испратена патролата и тоа токму на тоа место, до сега одговор никој не дал. Од 16 члена половина загинале и тоа по четворица „Волци“ и четворица полицајци. Се прашува како е можно тројца ранети „Волци“ да бидат пуштени, а командирот на патролата да помине без никакви рани?
Нејасно е исто така зошто четвртото полициско возило лада нива заостанало зад вообичаеното договорено растојание меѓу возилата во движење и не навлегло во кривината на смртта. Останува енигма зошто полицајците од ова возило не дејствувале и не им помагале на колегите кои крвавеле и умирале?
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.