Собрание

Објавил: Калина Мартинска | 11 март, 2025 15:25

(Видео) Изгласана интерпелацијата на Весна Дамева, Павлина Црвенковска и Селим Адеми

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Со 77 гласа е изгласана интерпелација на членот на Судскиот совет, Весна Дамева. Одлуката беше поздравена со аплауз. Немаше против, ниту воздржани.

„Собранието ја прифати интерпелацијата за членот на Судскиот совет Весна Дамева“, констатираше собранискиот спикер Африм Гаши.

Потоа, со 74 гласови, Собранието донесе заклучоци со кои смета дека Дамева го изгубила легитимтетот.
„Собранието утврди дека Весна Дамева како член на Судскиот совет имала значителен придонес во загрозување на судството и судиите и допринела за падот на довербата во судството, не ја извршувала својата функција, а го губи и легитимитетот да учествува во работата на Судскиот совет со оглед дека и е изгласана интерпелација“, рече Гаши.

 

На сметка на Дамева дојдоа многу критики. Нејзиниот сопруг има поврзаност со Скопски пазар, па ја обвинуваа дека постапувала по предмети и дека не се изземала. Потоа, сметаа дека таа е несоодветен кадар бидејќи според дел од пратениците таа не е истакнат правник како што се бара според законот. Бидејќи стана член на Судскиот совет по предлог на експратеседателот Стево Пендаровски, од говорницата прашаа и како ја нашол токму неа, бидејќи била само стручен соработник во суд, а ниту стручните соработници меѓу себе не се познаваат.

Инаку, Дамева беше и претседателка на Судскиот совет, во време кога имаше кавги и расправии, како и раскол меѓу членовите. Беше разрешена, па вратена со судска одлука на функцијата, бидејќи судот одлучи дека разрешувањето било незаконско.

Павлина Црвенковска и Селим Адеми не се појавија во собранието пред гласањето нивна недоверба. Интерпелациите и за нив го добија потребното мнозинство.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.