На собирот присуствуваа голем број граѓани

Објавил: Калина Мартинска | 29 април, 2024 18:08

ВИДЕО: Осветен и подигнат крстот во Зрновци висок 18,5 метри

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

На голем црковно-народен собир, што се одржа кај филтер станицата за вода во Зрновци, беше осветен Македонскиот крст на чие поставување се работеше во текот на овој месец.

Чинот на осветувањето го изведе митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејско намесништво, а крстот е поставен по барање на жителите на Зрновци со донација од нивен сограѓанин.

-Крстот е изработен од метална решетка, има височина од 18,5 метри, а ширината на краците изнесува 14 метри. Материјалите и поставувањето се донација од семејството на Јоце Гоцев. Јас и Советот на Општината помогнавме со усвојување на соодветна одлука за локацијата, за пробивање на сообраќајниот пристап и партерното уредување на целиот простор, како и за обезбедување електрична енергија и осветлување на крстот. По чинот на осветувањето тој е предаден во владение на МПЦ ОА и нејзината Брегалничка епархија, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Митрополитот брегалнички Иларион упати благослов до донаторите и сите кои помогнале за поставување на Македонскиот крст, порачувајќи тој да стане радост за сите жители, а неговата околина да прерасне во место за духовно обединување, како доказ дека на овие простори живееле и ќе живеат христијански граѓани кои ќе го чуваат и ќе сведочат за православието.

 

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.