Тошковски: Темелна контрола на објекти со лиценца, но и на оние објекти кои се користат како дискотеки и клубови

Објавил: Калина Мартинска | 18 март, 2025 16:53

Влада:Од 50 контролирани дискотеки и кабариња само 22 имале важечки лиценци

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Во изминатите два дена извршени се 50 контроли во угостителски објекти и тоа кабариња, диско клубови.

Државниот пазарен инспекторат од извршениот увид утврди дека лиценци поседуваат 22 објекта а 15 се со истечена лиценца. Сите 22 објекти со важечка лиценца денеска се проверуваат а за оние кои немаат лиценци или важноста им е истечена, изречена е мерка:Забрана за вршење дејност.

,,Министерството за економија врши проверка дали кај издадените лиценци има архивски или други пропусти”, рече Митева.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека по пожарот што избувна во дискотеката во Кочани, тимовите на МВР,  Дирекцијата за заштита и спасување и Државниот пазарен инспекторат денеска постапуваат на повеќе локации, а во рамки на контролата не се опфатени само објекти со формална лиценца, туку во наредните денови предмет на темелна контрола ќе бидат и објекти кои што се користат како дискотеки, кабареа и клубови.

– Опфатени во оваа контрола не се само објекти кои што имаат формална лиценца, важечка или неважечка, ќе видиме понатаму во постапката, туку и сите оние објекти кои што се користат како дискотеки, кабареа, клубови во наредните денови ќе бидат предмет на една темелна контрола, согласно заклучокот на Влада, рече Тошковски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека се врши увид, од аспект на тоа дали се исполнети сите оние потребни предуслови за нивно функционирање. Сепак, како што рече, констатирањето на сите оние факти кои што се битни од аспект на заштита од пожари, се во надлежност на другите институции.

– Сепак, утврдувањето на овие потребни предуслови е во надлежност на други институции. МВР да речеме дека дава поддршка во рамки на своја надлежност во овој случај, но констатирањето на сите оние факти кои што се битни од аспект на заштита од пожари, се надлежност на други институции. Најбрзо што може, ефикасно и професионално ќе си ја завршиме работата и ќе постапиме со соодветни одлучни чекори кон истите, таму каде што ќе има услови за постапување. Јавноста ќе биде благовремено информирана, рече Тошковски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести