Додека ВМРО - ДПМНЕ ќе протестира, нивниот советник во Советот на Град Скопје, Владо Поповски ќе го брани Преспанскиот договор заедно со премиерот Заев и Фрчкоски

Објавил: Мартин Попоски | 5 декември, 2018 7:06

Владата ќе дебатира за нацрт амандманите на Уставот, ВМРО – ДПМНЕ ќе протестира

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Владата од денес до понеделник организира јавни дискусии со експерти и со граѓани за нацрт-амандманите за измени на Уставот, а ВМРО – ДПМНЕ ќе протестира пред зградата на Владата.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела најави дека секоја среда ќе протестираат пред Владата, а за викендите во другите градови во Македонија.

Првата јавна дискусија ќе се одржи во Владата во 16 часот и 30 минути. Говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, и професорите Владо Попоски и Љубомир Фрчковски, а модератор ќе биде владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Во исто време кога ќе се одржува дебатата за уставните измени, пред зградата на Владата ВМРО – ДПМНЕ ќе протестира.

Втората дискусија во Скопје ќе се одржи во Универзитетот ФОН в четврток во 12 часот. Говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, ректорот на Универзитетот, Нано Ружин и професорот Темелко Ристевски. Дискусијата ќе ја отвори деканката на Правниот факултет, Сејдефа Џафче.

Во Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ) в петок ќе се одржи третата јавна дискусија за нацрт-амандманите со почеток во 10 часот.

Говорници ќе бидат заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, академикот и професор Владо Камбовски и професорот Светомир Шкариќ.

Дискусијата во МАНУ ќе ја отворат претседателот на Академијата Таки Фити и Владо Камбовски.

Во Штип и во Тетово во понеделник ќе бидат последните две јавни дискусии. Во Штип, говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, судијката Маргарита Цаца Николовска и Ѓорѓи Спасов. Дебатата ќе ја води и отвори градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

Во Тетово, јавната дебата ќе се одржи во Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ).

Говорници ќе бидат заменик претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за европски прашања Бујар Османи и универзитетските професори Беса Арифи и Блерим Река. Дискусијата ќе ја отвори ректорот на УЈИЕ, професорот Абдулменаф Беџети.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.