Партонот на МПЦ-ОА

Објавил: Калина Мартинска | 8 декември, 2024 14:27

Владиката Партениј порача дека делото на Свети Климент е бесмртно

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Делото на Свети Климент е бесмртно и претставува таинство на Црквата Божја зашто тој не „соѕида градба на туѓ темел“, туку од почеток го положи своето дело на непропадливиот и вечен темел – Христос, порача епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената бигорска Обител, по повод големиот христјански празник Свети Климент Охридски.

„За најбрзо време ја воздигна новородената словенска култура до степенот на другите, внедрувајќи го во неа своето беспрекорно богољубие, љубовта кон словото, просветлението и осетот за возвишеното и за убавото. Порача заедно со другите синови по дух на Божествените Кирил и Методиј – меѓу кои во прв ред стои неговиот собрат, соподвижник и сострадалник, светиот Наум Охридски – Рамноапостолниот Климент успеа да ги облагороди нашите предци со евангелското слово и да ја охристови словенската опшност, преобразувајќи ја во род избран, царско свештенство, народ свет“, додава владиката во својата порака.

Веруваме, додава,  дека по „неговите молитви, Бог ќе го сочува православниот род наш и нема да дозволи Светиклиментовиот посев некогаш да свене”.

„Благословот и молитвите на Свети Климент нека почиваат врз ова Христово стадо, воздигнувајќи ги нашите срца во областите на Божествената љубов и радост и љубовта што тој ја има кон Бога нека биде со сите вас“, посакува владиката Партениј. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.