
Македонија
Вести
СДСМ бара разрешување на Тошковски од Управувачкиот комитет за кризи, министерот им возвраќа – срам да им е на овие кои обвинуваат дека некој друг е виновен што ја оставија државата да нема систем за кризи.
СДСМ: Мицкоски да не спие, да се појави на терен
Опозициската СДСМ повторно ја обвини власта дека потфрлува во справувањето со пожарите од кои, според партијата, е зафатена површина од над 20.000 хектари и ги прозва премиерот Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека никаде ги нема на терен.
– Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи. Бараме итно Мицкоски да го смени Тошковски и да се назначи нов одговорен за координација. Само директорот на ЦУК Стојанче Ангелов е постојано на терен и очигледно е дека дава сè од себе. Но, зошто ги нема Тошковски и Мицкоски? Мицкоски мора да разбере колкава одговорност носи и мора да преземе нешто, а не да спие, да се појави на терен, да ја подобри координацијата на воздухопловите и ефикасноста на институциите, побрзо да реагираат – рече денеска на прес-конференција партиската портпаролка Богданка Кузеска.
Таа додаде дека граѓаните од терен им посочуваат дека пожарникарите навреме делуваат, но забележуваат дека е бавна реакцијата на воздухопловите кои доцнат со часови. Кузеска рече дека лошата координација со леталата и нивното доцнење се посочува како најслаба алка.
– Го нема ниту најавеното засилено присуство на полицијата на теренот како превентива. Има индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но, досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен? – праша Кузеска.
Мицкоски: Многу од пожарите се подметнати
Премиерот Мицкоски за обвинувањата на СДСМ рече дека нема да коментира „политичари со некрофилски намери“. Тој раскажа дека првиот посериозен пожар се случил на 10 јули, а тогаш хеликоптерите кои се користат за гаснење биле на сервис, авионите биле приземјени поради дефект, а пилотите биле во пензија.
– И благодарение на општините и нешто малку луѓе во тој момент почна борбата со огнената стихија. Хеликоптерите беа враќани во употреба, авионите станаа оперативни, пилотите ги вративме и во еден момент од ништо имавме три авиони и три хеликоптери и стотици пожарникари, граѓани доброволци и ја користам оваа пригода да им се заблагодарам. Во тој прв бран прогласивме кризна состојба, но истовремено го активиравме европскиот механизам за помош при кризни состојби и помош дојде од Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Романија, и во тој прв бран ја совладавме огнената стихија. Сега продолжува борбата и во текот на вчерашниот ден имавме историски незапеметен број пожари на отворено – 66 пожари. Совладавме 40, другите се под контрола благодарение на пожарникарите, припадниците од МВР и Министерството за одбрана – рече денеска Мицкоски.
Тој додаде дека и во текот на август се очекуваат пожари поради високите температури.
– Она што ме загрижува се индициите дека причина е невнимателност, а во голема мера и намера – рече премиерот.
Тој апелираше граѓаните да не се самоорганизираат за гаснење за да не настанат последици по нивното здравје и живот.
Министерот Тошковски рече дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој што намерно предизвикува пожари. Додаде и дека досега три пати бил на терен кај пожарите.
– Срам да им е на овие кои обвинуваат дека некој друг е виновен што ја оставија државата да нема систем за кризи. Да не се секираат, сите јасно гледаат кој што прави. Народот судеше и пак ќе суди, а ним да им е срам што оставија. Луѓето кршат глави и нозе за да се справат затоа што не им обезбедија опрема, а во „Национални шуми“ ги оставија без плати и без гориво – рече Тошковски.
Тој додаде дека е во тек оперативна акција „Пожар 2024“ во која досега се лишени од слобода повеќе лица.
– Треба да се собираат докази, сите началници се фокусирани на тоа, правиме сè за да ги лоцираме оние кои се директни виновници за пожарите и соодветно да ги процесираме пред органите за прогон. Најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор – рече Тошковски.
Претходно, полицијата соопшти дека привеле маж од Радовишко кој предизвикал пожар над селото Али Коч.
Ангелов: Состојбата е тешка, но не е алармантна
Со апел да нема самоорганизирање утрово се јави и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Според него, состојбата е тешка, но не е алармантна и има доволно војска и полиција, кои се испраќаат на терен на барање на градоначалниците. Граѓаните, додаде, не секаде можат да бидат од корист, а во одредени околности може и да пречат.
– Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во случајот кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во гаснењето на пожарите граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици – рече Ангелов.
Тој апелира да не се создава непотребна паника.
– Се одржа седница на Управувачкиот комитет, ќе ѝ предложиме на Владата да се ангажира и т.н. НАТО-механизам за помош, кој во суштина ги нуди истите работи како и механизмот на ЕУ, но преку него можеме да бараме помош во пешадија, односно помош во искусни пожарникари. Во овој момент таква потреба немаме, но може да се појави. Имавме состанок и на Групата за процена на кој ги разгледуваме причините и евентуално мотивите за овој енормен број на пожари. Ако имаме индиции, ќе излеземе во јавност – рече Ангелов.
Според него, моментно најсериозни се пожарите во Пехчево, на територијата на Старо Нагоричане, во Кратовско, кај Македонски Брод и во Светиниколско.
Според надлежните, по повторното активирање на европскиот механизам за помош ќе пристигнат хеликоптер од Чешка, четири теренски возила од Унгарија кои носат по кубик вода за делување на недостапен терен, каде и леталата не можат да гаснат, а воздушна помош ќе пристигне и од Словенија и од Германија, која ќе испрати два авиона.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.