Македонија
Анализа
Денес Ахмети и Заев ќе го договорат заедничкиот кандидат за претседател на државата, но ќе го соопштат за неколку дена. Според извори во владеачката коалиција, СДСМ, ДУИ и помалите коалициони партии ќе направат се да има само еден кандидат од редовите на влатса, а нема да им пречат што повеќе кандидатури од страна на опозицијата. Истовремено, неколку јавни личности ја заговараат и опцијата бојкот на изборите!
Пред неколку дена се остварила средба на претседателот на ЛДП, Горан Милевски, со генералниот секретар на СДСМ Кирацовски, при што на Милевски му било ставено до знење дека “ќе лета од коалицијата“ доколку се дрзне да излезе со претседателски кандидат кој би ги ситнел гласовите на поддржувачите на власта. Ангелка Пеева Лауренчиќ исто така разговарала со претставник од СДСМ, а како што дознаваме на поблиските во партијата им соопштила дека веќе не е заинтересирана за да биде кандидат за претседател од ЛДП.

ВМРО -ДПМНЕ на Конвенција одлучи да настапи со Проф. Гордана Силјаноска, поранешна министерка во владата на Црвенковски, дел од професорскиот пленум против Груевски, но исто така и жесток критичар на законот за двојазичност и на договорот од Преспа. Таа исто така ја ужива поддршката од академик Катица Ќулафкова, како и од Каролина Ристова Астеруд, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ. Во овие околности се очекува порадикални политичари од типот на Филип Петровски, да искористат дел од незадоволството на некои опозиционери и тој веројатно ќе собира потписи за претседателски кандидат, а пред симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ќе објаснува дека Силјаноска не е претстевник на ВМРО. Со свој заеднички кандидат на изборите се очекува да настапат и Алијанса и БЕСА, кои се опозициони партии. Пред неколку дена имаше најава дека е можно и ВМРО-НП и ГДУ да истакнат свој кандидат за претседател, а како можно име се спомна Горан Рафајловски, поранешен амбасадор на Македонија во Берлин.
И бројот на јавните личности кои се залагаат за бојкот не е мал. Во оваа група спаѓаат Проф. Росоклија, Проф. Тања Каракамишева, Миленко Неделковски, Мирка Велиновска, судијата Владимир Панчевски и други. Нивната теза е дека само со бојкот и со непостигнување на цензусот од 40% може да се сруши кандидатот на власта за претседател на Северна Македонија, а дека секое излегување на гласање е само давање на легититмитет и на Договорот од Преспа и погазување на референдумот во кој бојкотирањето си ја постигна целта. Според коментарите на социјалните мрежи може да се забележи дека не е мал бројот на граѓани кои најавуваат нивен бојкот на изборите, како израз на незадоволството од власта, но и како незадоволство кон млакото однесување на опозицијата. Бројот на потребни гласачи, за претседателските избори да бидат успешни, е да гласаат најмалку 720.000 избирачи. Доколку се случи бојкот власта ќе мора повторно да организира нови избори во рок од 60 дена.
Сумарно, оние гласачи кои ја поддржуваат власта ќе имаат опција да гласаат за еден кандидат за претседател. Од друга страна, оние гласачи кои се опозицино настроени, ќе имаат неколку опции, да гласаат за Проф. Силјаноска Давкова, да гласаат за Филип Петровски, да гласаат за кандидатот на БЕСА и Алијансја, да направат неважечко ливче или да го бојкотираат гласањето.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.