
Македонија
Вести
Високите сметки на електрична енергија во текот на зимата, кога е зголемена потрошувачката во речиси сите домови, им предизвикуваат големи главоболки на граѓаните во Македонија.
Многумина од нив се одлучуваат да си ги скратат маките и да си ја пробаат среќата со поплаки до надлежните институции, со надеж дека колку-толку ќе им се коригираат високите сметки за струја. На адресата на ЕВН Хоум за само еден месец се пристигнати 1.385 барања за корекција на фактурите за струја. Оние што не успеале да добијат корекција од ЕВН, тропнале и на вратата на Регулаторната комисија за енергетика, во надеж дека таа ќе ги спаси од големите давачки.
Од ЕВН Хоме во изјава за ДВ велат дека на ниво на државата во јануари годинава имаат добиено 1.385 барања за корекција на фактура, како и 898 барања во декември 2024 година. Споредено со минатите години, од компанијата велат дека се намалува бројот на поплаки, иако сметките за струја, според граѓаните, само се зголемуваат од година во година.
„Минатата година во истиот период (јануари 2024) компанијата има добиено 1.857 барања за корекција на фактура и 923 барања во месец декември 2023 година. Во просек, во декември и јануари и декември има околу 18% помалку барања за корекции на фактури во споредба со декември 2023 година и јануари 2024 година“, велат од ЕВН.
Дел од граѓаните коишто не добиле позитивен одговор од ЕВН за корекција на високите сметки се обратиле и до Регулаторната комисија за енергетика. Од РКЕ за ДВ информираат дека во моментово до нив се пристигнати два приговори, што оценуваат дека е незначителна бројка во однос на претходните години. Лани во февруари имаше бројка од околу 30-тина поплаки, а на почетокот на 2023 година – дури седумдесетина граѓани се жалеле на високите сметки.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.