Повредениот и истоштен царски орел кој што пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани го спасија и го однесоа во Зоолошката градина во Скопје заради негово згрижување и ветеринарен третман, вчера угинал.
Информацијата ја потврдија од доброволното друштво од каде велат дека од ЗОО Скопје веднаш биле известени и дека за причината нема да зборуваат додека не се изготват комплетните обдукцијски наоди. За жал хуманата мисија на која пред само еден ден и се наѕираше среќен крај, заврши трагично, а причините допрва ќе се утврдуваат.
„Веста дека кралскиот орел е угинат за нас беше шок бидејќи претходните денови постојано комунициравме со вработени до ЗОО Скопје од каде ни беа пратени фотографии и видеа дека тој самостојно се храни и дека многу скоро ќе ни го вратат назад за да може да го пуштиме во неговото природно живеалиште. За причините за оој тажен настан ќе зборуваме откако ќе ни бидат доставени официјалните обдукциски наоди“, ни изјавија за МКД.мк од Доброволното противпожарно друштво Кочани.
Ден претходно нашата редакција објави дека овој реков вид на птица брзо закрепнува откако беше спасен од кров на викендичка на Пониква, а информациите ни беа добиени од истото доброволно друштво кое го спаси орелот и кои ЗОО Скопје ги извести дека птицата е во добра состојба.
Државниот Инспекторат за животна средина беше известен за случајот од страна на Македонското Еколошко Друштво, а комуницирале и со Управата на ЗОО Градина Скопје и ФВМ.
Угинатата птица била однесена на Факултетот за Ветеринарна Медицина-ФВМ при УКИМ, Скопје каде од страна на стручни лица-професори се врши обдукција за да се утврди точната причина за угинувањето.Македонското Еколошко Друштво по добивањето на финалниот обдукциски извештај ќе изготви информација за јавноста по 12 август.
Царскиот орел припаѓа на групата загрозени видови птици и се проценува дека во Македонија има само десетина двојки. Едно од неговите природни живеалишта е во околината на локалитетот Раткова Скала на Осоговските Планини. Поради пожарите кај селото Зеленград, кое е во непосредна близина на локалитетот, птицата била повредена, дезориентирана и не можела да се врати во своето гнездо.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.