
Македонија
Вести
Во „Аџибадем Систина“минатата година граѓаните оставиле запрепастувачки 77,5 милиони евра, а во „Жан Митрев клиник“ 32,5 милиони евра, или само во овие две приватни здравствени установи, за извршените здравствени услуги, народот платил 110 милиони евра!
Во 2020 година, пак, во овие две болници се слеале 69,1 милион евра или 40,9 милиони евра помалку од лани. Ова го покажуваат податоците за приходите на здравствени установи кои порталот „Пари“ ги обезбеди во соработка со БизнисМрежа.мк.
И покрај тоа што трупаа бомбастични приходи, двете болници останаа имуни на молбите на граѓаните да сочувствуваат во корона кризата и да ги намалат цените.
Во Македонија, според регулативата секој има здравствено осигурување, но корона-пандемијата го клекна здравствениот систем на колена, а приватните здравствени установи, каде што многумина побараа спас, тоа добро го наплатија. Додека на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат апели за собирање пари за помош на болните, на површина исплива и болната вистина, дека за една недела лекување авансно се бараат по 12.000 евра. На крај, сметките што стигнуваа до граѓаните беа страшни, 20-30 илјади евра преживеал или не пациентот. За жал, некои останаа и без пари (често и позајмени) и без своите најблиски!
Пациентите што ги изгубија најблиските во двете болници апелираа до надлежните сериозно да испитаат како се лекувале пациенти во болнициве и како им се наплаќало.
За корона-профитерство најдобро зборуваат податоците за остварените профити во однос на вкупните приходи.
Минатата година, „Аџибадем Систина“ на вкупен приход од 77,5 милиони евранаправи нето-добивка (оданочена, чист профит) од дури 17,3 милиони евра. Или, стапката на профитабилност на „Аџибадем Систина“ (нето-профит во однос на вкупен проход) изнесуваше дури 22,3%. Тоа значи дека речиси секој петти денар платен за некоја здравствена услуга одел на сметка на профитот. На официјалната страница на „Аџибадем Систина“ претставен е Одборот на директори. Претседател е Мехмед Али Ајдинлар, а членови на Одборот на директори се Јордан Камчев, Антоније Мароноски и Тахсин Ѓунеј.
Со 32,5 милиони евра приход, Клиничката болница „Жан Митрев“ минатата година направила нето-добивка од 9,2 милиони евра. Или, стапката на профитабилност на „Жан Митрев“ била дури 28,3 проценти. Така, оваа клиничка болница може да се пофали дека била поспособна за правење профит од „Аџибадем Систина“. На нивната официјална страница каде што е претставен менаџментот, нема одбор на директори, а директор е д-р Жан Митрев.
Пандемијата се прогласи на 11 март 2020 година и оттогаш „бизнисот“ на приватните болници одеше по нагорна линија, како се засилуваше пандемијата. Податоците покажуват дека 2021 година била подобра од 2020 и за „Аџибадем Систина“ и за „Жан Митрев“.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.