
Македонија
Вести
Десничарската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е победник на бугарските парламентарни избори, според првите прелиминарни резултати на 27 октомври.
ГЕРБ освои 25 отсто од гласовите, што е за околу 10 отсто повеќе од реформистичката коалиција на партијата „Продолжуваме со промените“ и десничарската Демократска Бугарија.
Конечните резултати се очекуваат денес , а доколку првичните податоци се покажат како точни, Борисов ќе добие мандат да ја формира својата четврта влада, но ќе мора да влезе во коалиција за да може да формира влада.
ГЕРБ за потенцијални партнери ги смета сите партии во следниот парламент, освен „Преродба“. Ова го порача лидерот на партијата Борисов во изјава по изборниот ден.
„Ќе владееме со секој кој ја поддржува нашата програма“, рече Борисов во изјавата во партискиот штаб, одбивајќи да одговара на прашања на новинарите.
„Сите се потенцијален партнер освен Преродба“, додаде тој, наведувајќи ги како причина идеолошките разлики со партијата на Костадин Костадинов, која често зазема проруски позиции.
Борисов ја отфрли идејата на ПП-ДБ за непартиски кандидат за премиер.
„Никој денеска не гласаше за нечие име кое не го знаеме. Тоа нема да го дозволам“, рече Борисов.
Тој додаде дека доколку во парламентот влезат сите девет партии, кои според излезните анкети на социолошките агенции имаат шанса, влада нема да има.
Инаку политичките аналитичари предвидуваат дека дури и овие резултати, кои не се значително различни од претходните шест избори одржани во последните три години, може да доведат до нови избори.
На последните избори одржани во јуни, немаше јасен победник, а седумте групи избрани во парламентот не беа во можност да формираат одржлива коалиција.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.