Актуелните политички елити во земјава немаат формат, капацитети, знаења, а ниту желба за реформи, бидејќи се свесни дека промените најмногу ќе ги засегнат токму нив.

Објавил: Перо Милчин | 2 октомври, 2019 13:47

ГЕРОСКИ: „Кога ќе влеземе во ЕУ, ќе изградиме етно село во Свирипичино, кога ќе не фатат будалите да имаме кај да појдеме„

Фото/Текст извор: ©плус инфо

Според последните информации што веќе и јавно се споделуваат, Македонија сепак ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија, придружен со список на многу сериозни задачи за итни промени во некои клучни сегменти на општеството, задачи што ќе мора да почнат да се извршуваат веднаш, без одложување и без двоумење, пишува во најновата колумна новинарот Бранко Героски.

Според очекувањата, одлуката на Брисел ќе биде предмет на различни реакции: од една страна, ќе бидеме сведоци на триумфализам на власта, која датумот го очекува како клучен адут за запирање на трендот на опаѓање на нејзината популарност; од друга страна, опозицијата ќе форсира дебата во чиј фокус ќе биде тезата дека одлуката сепак е „условена“ и дека не е „чиста“, како што беше ветено.

Во суштина, доколку се случи тоа што е најавено – едно одлучно „да“ со неколку важни и неизбежни „но“ – од политички, па и од историски аспект, конфронтацијата меѓу власта и опозицијата ќе биде апсолутно ирелевантна. Еве зошто.

Дали сме спремни за промени?

Прво, затоа што почетокот на преговорите се единствената шанса за почеток на суштински реформи во македонското општество. Не можам ни да замислам што ќе се случи ако Брисел рече „не“. Тоа ќе биде почеток на распадот на оваа земја.

Актуелните политички елити во земјава немаат формат, капацитети, знаења, а ниту желба за реформи, бидејќи се свесни дека промените најмногу ќе ги засегнат токму нив.

Можете ли, на пример, да замислите суштинска реформа во правосудниот систем, во земја која не го почитува елементарното начело на поделба помеѓу извршната и судската власт? Во земја во која востановената практика на жестоко влијание на политичарите врз обвинителите и врз судиите се смета за право што се стекнува со победа на изборите?

Говори ли некој во Македонија за потребата да се менуваат некои важни законски решенија, за да се усогласат со либералното европско законодавство? Може ли да се зборува за реформи во земја во која водечки политичари, интелектуалци, па дури и професори, го занемаруваат значењето на правилата на игра, на пропишаните постапки и процедури, изразувајќи јавно дури и оправдување за политичкиот волунтаризам, како алатка на „револуционерната правда“, заради реализација на некаква „кауза“?
Не, драги мои, без жесток притисок од ЕУ, суштински реформи во оваа, но и во многу други области, едноставно, не се можни!
Второ, отворањето на поглавјата во текот на преговорите ќе наметне нова дебата, дебата за стандардите и за репери, за она што ќе предизвика драматични промени во македонското општество. На долга патека, тие помени ќе доведат до општествено одговорно, цивилизирано однесување и поведение во сите области на живот. Но, дали сме спремни за такви промени, сега и веднаш?

Јас мислам дека не сме. Секој од нас ќе треба да ги смени своите сегашни (лоши) навики, почнувајќи од оние навидум најбаналните (неодговорното раководење со отпадот од домаќинствата и дивеењето во сообраќајот, на пример), завршувајќи со најкрупните и најболните – корупцијата, непотизмот и лошото владеење.

Лошите навики ќе мора да ги замениме со добри. А тоа има да боли. И воопшто нема да биде едноставно. Нема граѓанин што нема да ги почувствува тие промени, кои ќе бидат и во конфликт со популизмот, како доминантна политичка филозофија и практика во Македонија во последните петнаесеттина години.
Затоа, јас сум убеден дека не постои друга шанса да дојде до такви длабоки и сеопфатни промени, без жестокиот притисок што ќе се наметне со отворањето и со затворањето на поглавјата во преговорите. Да ги потсетам повозрасните, а младите да научат нешто: имено тоа се случи во Бугарија и во Романија, а подоцна и во многу поразвиените Словенија и Хрватска – притисокот во преговорите роди евроскептизизам и жестоки отпори. Можам да замислам како ќе изгледа тој конфликт во Македонија и во Албанија, како нашите политичари популисти, загрижени само за освојување и за зачувување на власта, ќе ги доживуваат и преживуваат тие промени.

После датумот – перформанс на одврзаните песови?

И трето, тажен факт е дека Македонија ќе влезе во процесот на преговори длабоко поделена. Власта сѐ уште се занимава со битка со ветерниците од минатото и кипти од желба со него брутално да се пресмета. Дури јавно беше најавено дека после датумот ќе следи таа жестока пресметка, една оргазмичка одбрана од „нападите врз демократија“, како финално решение.

Опозицијата, пак, сака да ги искористи слабостите на власта во многу области, за да предизвика предвремени избори. Како капак на сѐ, соседните земји членки на ЕУ најавуваат обиди да наметнат свои услови и се закануваат со блокади на нашиот пат кон Брисел.
Да биде неволјата поголема, сето ова се случува во време на крупни корупциски и криминални скандали, кои сепак нема да може да се покријат со никаква пропагандна акција, не со евтин триумфализам и со бултериерски атаци врз критичарите на власта, со тој бесмислен перформанс на одврзаните песови од „првата борбена линија“.

Убаво изгледа тоа вака, на прв поглед, нешто како едно големо киндер јајце – одозгора шарено и чоколадно заблажено, а внатре празно, со евтина изграчка за залажување на наивните и недоветните.

Општ е впечатокот дека владата во Скопје недоволно вешто се соочува со сопствените маани и лошо ги менаџира процесите, додека првиот мандат се ближи кон својот крај.

Тој впечаток го споделуваат и странците. Затоа, поставувањето сет од конкретни задачи, во периодот до почетокот на преговорите, но и непосредно по него, треба да се разбере како неопходна помош за Македонија. Ќе биде тоа помош за фокусирање на владата и на опозицијата на приоритетните прашања и за креирање на иницијална енергија за суштинските промени, како и за редуцирање на конфликтите во општеството. Претпоставувам дека освен за владата и за опозицијата, ќе има и задачи и за другите важни општествени фактори.

Време е за нови луѓе, овие се истрошени и искомпромитирани.

Еден таков синџир-дисциплинка околу вратот на Македонија, во овој историски важен момент, може да придонесе за поставување нови правила за политичко поведение, од кои ќе се водат новите политички елити, новите лидери на промените. Тие, од сега па во текот на идната деценија, ќе мора хокеарски да ги заменат актуелните политички гарнитури, искомпромитирани и истрошени во меѓусебните непродуктивни политички кавги. Не врви веќе она „дајте други деца“. Некој ќе мора да каже – дајте нови, способни и посветени луѓе, да ја водат државата.

Ете затоа, јас велам дека Брисел со Македонија не треба да „преговара“, туку, за почеток, да ја „приведе“ на преговарачка маса. Потоа да ѝ определи строг и продолжен „притвор“ (поради опасноста да избега од преговорите, меѓу другото), а подоцна, по конечната и правосилна „пресуда“, граѓаните на оваа земја и нивните лидери да се соочат со моментот на вистината, со условите за живот, со редот и поредокот во најсовремената установа на планетава за обнова, рехабилитација и прогрес на пропаднатите општества.

Ве верувам дека некои од денешните воспалени евроентузијасти тогаш ќе го планираат своето „Бегство од Шошенк“, но нацијата ќе преживее и ќе дочека да ужива во благодетите на новото време. Надеж ми дава еден факт којшто на сите ни е познат – сите оние 600.000 и повеќе Македонци што ја напуштија татковината, при преселбата во земјите членки на ЕУ дома си ги оставија старите лоши навики (на нив им текнува само кога ќе дојдат дома или кога зборуваат и се караат за Македонија).

Тие брзо се интегрираа во тамошните општества и фала му на бога, слушам дека напредуваат.
Такви ќе бидеме сите кога Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Ќе живееме како гастарбајтери во сопствената земја.

Ќе си изградиме едно етно-село, таму некаде во некое Свирипичино, за да имаме да појдеме кога ќе нѐ фатат будалите, да се опиваме и да се сеќаваме колку ни беше забавно и убаво кога си бевме во „она“ време на големата пизма, кога си бевме малечки Милице…

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

Клучни ќе бидат сведочењата на осомничените Јанева и Јовановски, но и на сведокот Зоран Милевски Кичеец, кое може да биде дури и пресвртно.

ГЕРОСКИ: Зоран Заев и Вице, не се идиоти или будали, но сега тие се понервозни и од Камчев

Од претходните изјави и од сведочењето на Камчев, веќе знаеме дека тој случајот „Империја“...

Сеедно е што ниедна од нашиве жртви нема доказ за злоупотребите на некои од тие политичари, за нивното делување, за навистина криминално дејствие.

СЕКУЛОВСКА: КАМЧЕВ е жртва на самиот себе, а најмногу на сопствениот ЖИВОТ

Една лажна Луј Витон чанта, доволно голема за да прими некој милион евра, во ситно, по...

Не сум ниту во бизнис со љубов па да го сакам овој или оној, или оваа или онаа група, партија, држава. Во бизнис со љубов се истите погоре, односно навивачите, плус сексуалните работници.

МИЛЕНКО: ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ, ЗАЕВ ќе биде прегазен па ЗАТВОРЕН

Уште еднаш, по милионити пат, да кажам дека јас сум во бизнисот со вистинито информирање...