Актуелниот миг ме потсетува на периодот пред средбата на Зоран Заев со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Давос, на маргините на Светскиот економски форум, што се случи кон крајот на јануари 2018 година, пишува Бранко Героски во својата нова колумна.
Кај нас тогаш се водеше жива дебата како да се реши спорот меѓу двете земји. Премиерот Заев најавуваше компромисно решение, но се уште мантраше дека се преговара само за ерга омнес име за надворешна употреба и ветуваше дека нема да се менува Уставот.
Додека беше опозиционер, ова беше ставот на Заев за промената на името, како можно решение на спорот со Грција: „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас мојот син и ќерка сме Македонци, родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламент и да бара промена на Уставот заради промена на уставното име“. Долго време после оваа изјава Заев го дишеше и сѐ уште го дише овој македонски воздух, но сепак го промени името на својата земја и излезе пред парламентот, побара и доби промена на Уставот заради промена на уставното име. И тоа не му е доста, па сега од уста не го вади новото име – Република Северна Македонија.
Имам чувство дека и сегашната жива дебата за спорот меѓу Софија и Скопје, во која учествуваат јавни личности од двете страни, му оди во прилог на Зоран Заев. Внимавајте добро на таа итроштина, драги мои! Би можел да се обложам дека тој, на своите многубројни средби со бугарскиот премиер Бојко Борисов, има ветено сѐ и сешто, брда и долини, слично како и на онаа фамозна средба со Ципрас во Давос. И убеден сум дека сега муртинецот чека полемиката да се развие и да се вжешти до степен што сите ќе помислиме дека компромисните решенија за отворените прашања, што ги стокмил во тие разговори со Борисов (или му се стокмени од знаете кого), се прифатливи. После сѐ ќе биде полесно…
Не сакам да ја обесхрабрувам јавната дебата за овие теми. Обаче, јавно ќе кажам дека јас нема никого да „советувам“ како да се постави во спорот и што да прави. Нема да нудам решенија и аргументи за нивна поддршка. Зашто многу добро знам дека итриот Заев тоа ќе го злоупотреби. Прво ќе ги одврзе пропагандистичките песови да ме нападнат (така беше и кога го „советував“ да прифати компромис со Грците), а потоа ќе се приклони кон тоа мислење и пак ќе си го дише македонскиот воздух, како ништо да не се случило. Имајте на ум дека итриот Заев ќе ги злоупотреби и ставовите и аргументите на сите истакнати македонски интелектуалци кои деновиве ги анализираат сите аспекти на спорот со Бугарија и добронамерно го едуцираат и го советуваат премиерот што да прави. Ве уверувам дека на крајот Заев ќе се приклони кон позициите на малкутемина домашни антимакедонисти (ретки се, но има и такви во пропагандистичката тајфа на СДСМ), кои веќе со месеци посакуваат и објавуваат смрт на Македонија и на сѐ што е македонско. И сите ние што помислуваме на компромиси и што политиката ја разбираме како вештина на можното ќе се почувствуваме изманипулирани од прекупецот.
Ете затоа, си велам себеси, а му велам и на секој добронамерник – не трчај ко прле пред Заев!
Дај му шанса на муртинецот сам да ни каже кој пат фатил. Нека се заколне пак, да го слушнеме.
Целата колумна може да ја прочитате Тука.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.