Но, фер е да се каже дека во тие години, на некој начин, водев и „двоен живот“. Во гимназиските денови цел еден четиригодишен мандат бев секретар на младинската организација на општината Карпош.

Објавил: Македонка Димкин | 16 септември, 2019 20:04

Героски ја отвори душата: Можев да станам космонаут, ама не сакав

Фото/Текст извор: ©героски / магазин

Роден сум во 1962 година во Гостивар, Македонија. Датумот на моето раѓање, 2 февруари, наспроти општо познатата предрасуда што често се злоупотребува за потсмев и за навреди, носи и една значајна предност – луѓето лесно го паметат и најблиските пријатели не забораваат да ми го честитаат роденденот лично, а не безлично, на Фејсбук, како што сега тоа обично се прави.

Моите сега покојни родители, мајка ми Ленче и татко ми Славе, беа амбициозни луѓе, кои седум години по моето раѓање го преселија семејството во Скопје, купија стан на кредит и направија за она време пристојни кариери. Од нив веројатно сум ја наследил амбициозноста, што кај мене, пак, понекогаш умее да прерасне и во фанатична посветеност на целите што си ги поставувам. Тешко ми е да се соочам со фактот дека во целиот тој наш заеднички живот, јас сепак не успеав доволно добро да ги запознаам родителите, па дури ни мојата помлада сестра Соња. Оптоварени секој со своите потреби и желби, соништа и амбиции, вистини и заблуди, не пронајдовме достаточно сила и време да бидеме поблиски. Можеби затоа денес, по малку „старски“ и наметливо, очајно се обидувам да одржам блискост со моите деца. Во време кога тоа баш и не е многу „модерно“, за жал.

За „корекции“ во моето воспитување во најраната младост беше задолжен мојот дедо Јоше од тетовска Горна Чаршија, чевлар кому новите власти по Втората светска војна му го конфискувале дуќанот и му возвратиле со една скромна државна пензија. Неколку лета по ред, некаде до мојата десетгодишна возраст, поминав во куќата на дедо ми, под строг војнички режим – станување во пет наутро, миење на чешма со студена вода гол до појас, жетва на магдонос, керебис и друг ситен зеленчук од дворот, трговија со пазарџиите кои со манди и магариња се симнуваа од Шипковица до Чаршија, чиракување во импровизираната работилница на дедо ми, потоа собирање на изметот од улицата откако пазарџиите се враќаа назад (природно ѓубриво), прошетка до лозјето на дедо ми над Бањиче, на враќање одмор и малку медитација во црквата „Свети Никола“ над Пена под Балтепе и дури потоа слободно време за игра и разонода (во тоа време, омилена литература ми беа стриповите и „Политикин забавник“). Од дедо ми ги наследив моите работни навики, за што сум му неизмерно благодарен.

Кога човекот прв пат се качи на Месечината (1969 година), дедо ми одлучи дека неговиот внук еден ден ќе стане космонаут. Мојата прва избрана професија, пак, беше – шофер. Во тоа време од Гостивар до Тетово и Скопје патувавме главно со автобус. Јас секогаш го добивав привилегираното совозачко место и ми беше лесно да забележам дека главниот човек во таа група луѓе во челичната крнтија е токму шоферот. А јас, нормално, секогаш сакав да бидам главен. Тоа што во последниве дваесет и кусур години од мојот живот навистина сум главен – не шофер или космонаут, туку уредник на весници – освен на самиот почеток, кога тоа ми ја гладеше суетата, сѐ повеќе го доживувам како своевидна иронија на судбината.

Како ученик, се разбира, секогаш бев главен или меѓу главните. Бубалица. Н’рд, по ново. Жал ми е што не му го паметам презимето на првиот наставник чија неверојатна посветеност ми остави голем впечаток и ми разви љубов кон музиката. Името му беше Кире. Тој од една група ученици во училиштето „Васил Главинов“ во Топаана создаде оркестар, нѐ воведе во еден чудесен свет и музички нѐ описмени. Како петтооделенец, бев најмладата прва виолина во мандолинскиот оркестар. Свиревме неверојатно сложени композиции. Унгарски танци, на пример. Победивме на некои натпревари и потоа заминавме на турнеја и настапивме во Белград, во Букурешт, па дури и во еден мал град на границата меѓу Романија и Русија.

Малку пред тоа, во Скопје, се подготвуваше Шаховската олимпијада во 1972 година. Цел град играше шах. Научив и јас и успеав да се квалификувам за симултанката со големиот шампион Карпов, што се одржа во Пионерскиот дом „Карпош“. Бев пресреќен кога после првиот потег, Карпов ми пружи рака и ми понуди реми. Тоа е настан што ќе го паметам додека сум жив. Но, уште од дете амбицијата успевав да ја скротувам со самосвеста за сопствените слабости. Јас знаев до кај ми стасува копјето – човек што премногу се потпира на сопствената интуиција и брзо, понекогаш и лекомислено донесува одлуки, не може да биде врвен шахист – па брзо се откажав и го демантирав пишувањето на тогашни „Вечерњи новости“ дека во Скопје се родила голема шаховска надеж.

Роден сум во 1962 година во Гостивар, Македонија. Датумот на моето раѓање, 2 февруари, наспроти општо познатата предрасуда што често се злоупотребува за потсмев и за навреди, носи и една значајна предност – луѓето лесно го паметат и најблиските пријатели не забораваат да ми го честитаат роденденот лично, а не безлично, на Фејсбук, како што сега тоа обично се прави.

На мојата наставничка Даница Крстевска од училиштето „Иван Горан Ковачиќ“ во Карпош 4 ѝ го должам моето одлично познавање на граматиката и мојата љубов кон македонскиот јазик и кон литературата. Од тоа време, па сѐ до крајот на студентските денови, читав книги речиси манијакално. Од авантуристичките романи на Карл Мај, на пример, до собраните дела на еден друг Карл – Маркс. Мојот омилен писател беше Габриел Гарсија Маркес. Во еден мој расказ, намерно, како своевиден експеримент, го копирав стилот на мојот омилен писател и освоив втора награда на конкурсот за краток расказ на „Студентски збор“ (првата награда не беше доделена). Сепак, мојата омилена книга, која досега ја имам прочитано најмалку дваесет пати, секогаш во еден здив, е „Кога цветаа тиквите“, од српскиот писател Драгослав Михаиловиќ.

Но, пред да им се посветам на литературата и на пишаниот збор, во последните три години од моето основно образование, сѐ уште бев сериозен кандидат за космонаут или за врвен физичар. Минував денови и денови во кабинетот по Општотехничко образование и во Народна техника на Партизанска, склопував електронски склопки од диоди, отпорници и транзистори, што ги купував по пошта „поузеќем“ и некаде во летото меѓу седмо и осмо одделение, се случи чудо – смислив мотор на сончева енергија со посебна електронска склопка. Уште поголемо чудо беше кога престижното југословнско списание за наука „Галаксија“ го промовираше мојот изум, по што веднаш станав познат изумител. Како таков, се прошетав на неколку натпревари, освојувајќи го првото место и сите очекуваа „кариерата“ на славен научник во најава да ја продолжам во гимназијата „Орце Николов“.

А јас, водејќи се од својата превртлива ѕвезда и од својата хировитост, глумејќи ги улогите на сите ликови од книгите што ги голтав буквално секој ден, се заљубив во литературата. Има малку вина за тоа и мојата славна професорка Вера Иванова. И како што е редот, нели, си ибрав и муза. Татјана. Колку совршено и романтично име, како Татјана од Пушкиновата поема „Евгениј Онегин“! Беше тоа една симпатична и дружељубива соученичка од мојот клас, на која брзо ѝ изјавив вечна љубов и ѝ посветив еден куп наивни стихови (цел сонетен венец, меѓу другото). Се разбира, таа моја прва љубов беше осудена да биде безнадежна и платонска, а не некакво блесаво бацување по ходници и танцување во тогаш модерните и преполни дискотеки. Нашите долготрајни, наивни, можеби и бесмислени разговори, на кои веќе и не се сеќавам, беа моето прво љубовно искуство во животот. Неповторливо!

Сево ова, вака раскажано, изгледа малку комично, но во тие години, тоа беше мојот вистински, мачен живот на неразбран уметник. Поет и дрвен филозоф, бунтовник без причина, заљубен и фрустриран адолесцент, или како сакате наречете го сето тоа заедно. Малкумина ме разбираа и малкумина ми беа вистински другари и другарки. Мојот најдобар другар, Миле Лазаревски, не само што ме разбираше, туку беше и мојот прв и последен приватен психолог. Миле подоцна стана одличен стоматолог, но почина прерано. Неговата смрт страшно ме погоди и до ден денешен, тоа е една од најголемите загуби во мојот живот.

Но, фер е да се каже дека во тие години, на некој начин, водев и „двоен живот“. Во гимназиските денови цел еден четиригодишен мандат бев секретар на младинската организација на општината Карпош. После часови, одев на работа. Не беше тоа шега, беше тоа сериозен работен ангажман, без плата. Многу организирање, состаноци, работни акции и уште триста чуда. И секако, многу дружење со поинакви луѓе, многу седенки и пијанки, нови познанства, нови симпатии… „Политичката кариера“ сепак ја окончав пред матурирањето, по еден жесток конфликт со локалните челници на Партијата и на Сојузот на борците, по што сфатив дека јас никогаш нема да станам партиски послушник што ќе се повинува на одлуката на мнозинството. И затоа одлучив да не се глупирам повеќе.

Финишот на мојата рана младост го одредија два настана што не зависеа од мене – смртта на Тито, поради која наместо да славиме матурска вечер, „одлучивме“ да го посетиме неговиот гроб, Куќата на цвеќето во Белград и новиот закон кој нареди во војска да се оди веднаш по завршувањето на средното училиште. Така и би. Се запишав на Интердисциплинарните студии по новинарство, ги разочарав сите и со радост заминав во војска.

На крајот на оваа приказна, сакам на најмладите читатели да им порачам нешто. Живејте го животот со срцето и не жалете за ништо! Така нема ништо важно да пропуштите. И јас не жалам за ништо. Пред неколку години, кога го посетив споменикот на Пушкин во Санкт Петерсбург, сфатив дека и мојот омилен романтичар нема зошто да жали поради својот глупав двобој за честа на една опскурна дама со која бил оженет (Наталија Гончарова), во кој загинува – евентуалниот обид на поетот да избега од својата трагична судбина би бил чин на врвен кукавичлук, негација на сѐ што Пушкин испеал во својот тажно краток живот.

Следете ја својата ѕвезда, драги мои, не бегајте од себе и од најблиските и секогаш обидувајте се да го извлечете најдоброто од себе и од другите. Нема секогаш да бидете успешни, како што не бев ни јас, но вашиот труд ќе биде успех сам по себе.

Бранко Героски

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

Неофицијално дознавам дека има луѓе во Собранието, од владејачкото мнозинство, кои се со намера законот итно да го вратат во Владата.

Решавај ти Европо за датумот, важно ние да си донесеме закон за дроги – и тоа со европско знаменце!

Ја знаете онаа народната – село гори, баба се чешла? Е нашава баба баш и не се чешла,...

И, тука би ја затвориле историската читанка и потсетување на чистите факти. Заклучок е дека за државата Македонија се бореле, заедно, и комунисти, и социјалисти и вмровци

ЛАТАС: “ЗОРАН ЗАЕВ со пенкало, избриша сопствена нација, историја и држава”

Еве, деновиве вадиме десет месеци од погребувањето на Македонија, на 11 јануари со колективно...

Лично мислам дека тука нема прекршување на законот, но таа нејзина одлука е неетична и е во духот на „началникувањето“ во политиката, феномен против кое заеднички се бунтувавме.

Геровски: „Началничке“, те послуша ли Фатмир?

Разбирам зошто Радмила Шеќеринска во 2013 година имала потреба да инсистира членовите...