Интервју на директорката Наташа Поповиќ

Објавил: Стефан Каневче | 26 март, 2019 18:34

Големо изненадување на Охридско лето

Фото/Текст извор: ©МИА

Најреномираниот фестивалот во државата, „Охридско лето“, годинава доби 25 милиони денари од Министерството за култура за реализација на фестивалската програма. Директорката, Наташа Поповиќ, во интервју за МИА говори за програмата, гостите, сцените на кои ќе се одвивааат програмските активности и одобрените финансиски сретства за годинешното 59-то издание на Фестивалот.

 

Вие сте новата директорка на нашата најреномирана меѓународна манифестација, НУ „Охридско лето“. Каков е вашиот концепт и визија за фестивалот?

Мојата визија е програмата на нашиот најголем и најзначаен фестивал „Охридско лето“ да се прошири во текот на целата година. Годинава првпат фестивалот се одвива и во дополнителни термини, покрај програмата во редовниот термин од 12  јули до 20 август. Досега се одржани три концерти во црквата „Св. Софија“ и еден во Македонската опера и балет, на кои настапија познати пијанисти од Русија, Србија и од Италија, а публиката беше позитивно изненадена од збогатената културна понуда на „Охридско лето“.

Целта на оваа дополнителна програма е Охрид да живее и во зимските месеци, а истовремено да се развива културниот туризам. Во Скопје, во Македонската опера и балет, како дел од дополнителната програма, се одржа Новогодишен концерт, со поддршка од италијанскиот амбасадор Карло Ромео. Таму имавме извонреден настап на италијанскиот пијанист Емануел Арчули и преполна сала на воодушевена публика. За сите концерти публиката покажа интерес. На последниот настап во црквата „Св. Софија“, на концертот на пијанистката Злата Чочиева од Русија, покрај локалната публика, имавме гости и од Албанија, Србија и од Руската Федерација, како и многу потенцијални спонозори. Младата пијанистка со својот впечатлив настап и беспрекорно музицирање предизвика бурни овации кај присутните.

Солистите кои настапуваат во дополнителната програма не се помалку значајни од оние во редовната. Напротив, тие концертираат во текот на целата година и се работи за извонредни имиња од светски калибар. Оваа програма ќе ја затвориме со Велигденски концерт – автентичен настан што ќе се одржи на 24 април во катедралната црква во Охрид, а ќе настапи Операта од Белград со духовна музика.

Мислам дека ваквата визија ќе го направи фестивалот поинтересен, побогат и попривлечен и за публиката и за уметниците и ансамблите од земјава и од светот.

На што работите за поголема афирмација и подобрување на фестивалот?

За „Охридско лето“, како наш најголем интернационален фестивал, особено значајна е меѓународната афирмација. Следниот месец ќе се претставиме во Лисабон, на Самитот на уметнички фестивали, во организација на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), која обединува истакнати музички, танцови, театарски и мултидисциплинарни уметнички фестивали од Европа и од светот. ЕФА е најстарата и највлијателна културна мрежа на европски фестивали и на членовите им овозможувува да ја збогатуваат сопствената уметничка понуда и организациски можности. Таа поврзува околу сто фестивали и фестивалски здруженија од четириесет земји. Членовите на ЕФА ја преземаат одговорноста уметноста да им биде приоритет и да нудат платформи со кои уметноста ќе ја приближат до публиката. Главната улога на фестивалската асоцијација е да ги поврзе креаторите на фестивалите, да ги информира, инспирира и со тоа да го збогатува културниот пејзаж. Затоа, за нас од огромно значење е тамошното претставување, што ќе го реализираме со целосна поддршка од  Министерството за култура.

Следната година фестивалот ќе одбележи 60-годишнина од постоењето и по тој повод ќе иницираме Охрид да биде домаќин на наредниот Самит на уметнички фестивали на ЕФА. Истовремено, работиме на освежување на визуелниот идентитет на фестивалот – логото и останатите промотивни материјали. Целта е по соопштувањето на програмата, публиката да има поблиска слика за артистите кои ќе дојдат, за делата што ќе бидат изведени, за нивниот квалитет, за нивното место и значење во актуелната уметничка продукција.

 

„Охридско лето“ е летен фестивал и претежно се одвива на отворени сцени. Моментално се реставрира можеби најрепрезентативната и најубавата сцена во Охрид,  Долни Сарај. Годинава, каде ќе се реализираат програмските активности и во случај, имате ли алтернатива за голем настан, како што е на пример, отворањето на фестивалот?

Да, „Охридско лето“ главно се одвива на летните сцени. Главен адут била и останува катедралната црква „Св. Софија“, затоа што има акустика што е навистина реткост во светски размери. Сите музичари, вклучувајќи ги и оние од највисок ранг, сакаат концертите да ги одржуваат во црквата. Затоа, најголемиот дел од програмата, рециталите, ќе се одвива во „Св. Софија“, како внатре така и во предворјето. Реконструкцијата на сцената Долни Сарај, која навистина е многу убава и репрезентативна, е при крај. До крајот на април очекуваме да биде готова. Парите за овој зафат ги обезбедивме од ресорното министерство и од нашите спонзори и објектот, покрај тоа што ќе го користиме за наши потреби, ќе може и да го изнајмуваме за други манифестации што ќе имаат потреба.

На оваа сцена најчесто се одвиваат драмски претстави и концертите од Офф-фестот. Амбиентот е многу убав, автентичен, а гледалиштето сега е проширено на 1 200 седишта. Реконструирана е и терасата над самото езеро, просторот е идеален за коктелите што ги прави фестивалот. За свечените отворања што бараат масовност и спектакуларност го користиме најголемиот сценски простор, Античкиот театар, кој навистина им дава една поинаква димензија на програмските содржини. Тој простор не е наш, но имаме одлична соработка со Музејот. Охрид располага со прекрасни отворени сценски простори, сè уште преговараме, можеби ќе користиме и други локации. За жал, немаме алтернатива за затворен простор, во случај на временска непогода, па Центарот за култура ни излегува во пресрет. Затоа имаме два термина за свеченото отворање. Изградба на концертна сала е многу потребна за градот и за државата и очекуваме во скоро време оваа иницијатива да се реализира.

„Охридско лето“ за годинешното 59-то издание од Министерството за култура доби повеќе пари од што имаа досегашните изданија. Добиените 25 милиони денари ќе значат ли попознати имиња и повеќе гости на фестивалот?

Секако, тоа оди едно со друго, односно повеќе пари подразбира подобра програма. Ќе има многу познати имиња и големо изненадување за отворањето на фестивалот. Сето тоа ќе биде соопштено на почетокот на мај, кога ќе бидат фиксирани и датумите на програмата, што е веќе затворена. Во програмата што седумдесет отсто е музичка, а триесет драмска, ќе преовладува класичната музика. Од целиот свет ќе има околу илјада уметници – солисти, хористи, музичари, артисти, театарски уметници. Целта ми беше програмата да биде професионално сработена, без никакви импровизации. Публиката несомнено ќе добие висок уметнички квалитет и внимателно креиран концепт од страна на селекторите и управата, а не некохерентен збир на настани и изведувачи. Годинава ќе имаме навистина светска програма и очекуваме досега најголема посетеност. Покрај Министерството за културата, програмата ја поддржаа и нашите спонзори, кои несебично ни ја даваат својата поддршка, секако и Општина Охрид.

Дали фестивалската програма таргетира одредена публика или, пак, е наменета за вљубениците на уметноста од сите возрасти?

Публиката е нашето најголемо жири. Сите наши активности се насочени кон нашата редовна и повремена фестивалска публика, но и кон регрутирање нова, потенцијална публика, пред сè од редот на помладите. Исто така, со години, во континуитет, во Охрид се присутни големи групи туристи од соседните земји, особено од Бугарија, Србија, Албанија… За нив Охрид и неговиот поширок регион сам по себе има значајно археолошко, историско, духовно и пошироко културно зрачење. Оттаму тие гости се широко отворени и гладни за културна консумација што фестивалот може и треба да им ја понуди. Годинава имаме и најави за групи од гости кои сакаат токму за време на фестивалот да престојуваат во Охрид. Не смееме да ги изневериме очекувањата на публиката.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Манифестации

За Дејвид Торн (20 часот) и Фред Фрит (22 ч.), ова ќе биде прв настап во рамките на Скопскиот џез фестивал.

Започна џез фестивалот во Скопје: „Омилениот“ гитарист на Дејвид Боуви го отвора 38. скопски џез фестивал!

Од вечерва 17- октомври па па се до 20-ти октомври, ќе се одржи 38-то издание на еден од нашите...

Организатор на „Деновите на кочанскиот ориз" е Општина Кочани во соработка со Центарот за култура „Бели мугри", библиотеката „Искра" и фолклорните друштва од регионот.

Манифестација “Денови на кочанскиот ориз” од 30 септември до 5 октомври!

Кочани од 30 септември до 5 октомври ќе биде домаќин на дваесет и осмото издание на манифестацијата...

Октоберфест е шеснаесетдневен фестивал којшто се одржува секоја година во Минхен , Германија почнувајќи од крајот на септември до почетокот на октомври.

ЗАПОЧНА ПИВСКО ЛУДИЛО ВО ГЕРМАНИЈА: Во Минхен отворен 186. Октоберфест!

Во германскиот град Минхен вчера започна 186. Октоберфест. Октоберфест е шеснаесетдневен...

Најексклузивните и најквалитетните вина на оваа винарница ќе се служат на свечениот ручек што ќе се организира во чест на папата.

Папата Франциск на свечениот ручек ќе пие Македонско вино. Еве за кое станува збор !

За време на посетата во Скопје, на Папата Франциск ќе му бидат послужени македонски...