Ер-тракторите неможе да гасат ноќно време

Објавил: Сања Кукиќ | 18 март, 2019 20:55

Гори Скопска Црна Гора, властите чекаат да се раздени

Фото/Текст извор: ©онлине-магазин

Само немо набљудување и чекање на изгрејсонцето. Авионите не можеле да летаат и гаснат навечер.Ова е реакцијата на властите по страотниот пожар кој беснее на Скопска Црна Гора.

Речиси 12 часа гори сува трева и ниска вегетација на Скопска Црна ГОра, но пожарот наместо да се гаси и стави во контрола, властите се немоќни. Пред се поради непристапноста на теренот но и тоа што ер-тракторите не можат да интервенираат ноќе.

Пожарот кој околу 12 часот денеска избувна во кумановскиот дел на планината сега се шири од скопската страна. На терен се единствено екипи од „Шумско стопанство“ Куманово, а авионите не гасат оти не можеле да интервенираат навечер.

„Побаравме асистенција од ер тракторите кога изби пожарот. Сега тие не можат да интервенираат оти е темно, ќе бидат на терен ако е потребно утре наутро. Побаравме да се направат заштитни појаси околу населените места доколку дојде до евентуално ширење на пожарот“, велат од Центарот за управување со кризи.

Неопходна е набавка на уште еден авион за поефикасно гаснење пожари, смета Дирекцијата за заштита и спасување. Во анализата што ја доставиле до Владата укажале дека тоа треба да биде уште еден ер-трактор, но двосед, за да служи и за обука на пилоти. Во моментов, Дирекцијата располага со 3 ер- трактори, за кои се грижат 4 механичари.

Од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје велат дека поради ветерот пожарот се префрлил на скопската страна на планината, но тие не можат да интервенираат оти патот е непристапен.

„Пожарот е на врвот. Нема начин да се стигне со возилата до горе. Ја следиме ситуацијата да не дојде до евентуално ширење кон селото Раштак кое е населено и најблизу до планината“, велат од Пожарната.

Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски вели дека состојбата со пожарот е стабилна за порталот Сакам да кажам, изјави.

„Службите на Противпожарната бригада, МВР, екипи на ДЗС како и општинските служби за заштита и спасување и екипите на Македонски Шуми се на терен и активно учествуваат во координирано гаснење на пожарот и спречување на негово ширење, а активирани беа и двата авиони за гаснење на пожар. За жал ветерот во моментот го усложнува процесот на гаснење, но екипите се на терен и добро ја контролираат состојбата. Утре од 6 часот наутро почнува повторно голема акција во која ќе бидат вклучени и доброволци како и противпожарните авиони. Апелирам до секој еден од нас да внимава како постапува во природа затоа што најмало невнимание може да предизвика голема катастрофа“, вели Георгиевски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести