Предупредување

Објавил: Калина Мартинска | 16 септември, 2024 17:14

Граѓаните мета на нова опасна измама за кражба на пари од платежните картички

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Народната банка (НБРМ) предупредува на шема на нов и многу опасен начин на „фишинг“, каде со внесување на податоци од платежната картичка и доставен ОТП код за авторизација, се преземаат платежните сметки на клиентите од страна на измамници и ги повикува граѓаните на поголема внимателност.

Од Народната банка појаснуваат дека до граѓаните пристигнува фишинг порака (смс, е-маил), во која се наведува на итност за исплата, испорака на пакет и слично и се дава врска на која треба да се уплати.

Од Банката додаваат дека измамениот е пренасочен кон „злонамерна“ веб-страница, на која внесува име и презиме, адреса, сериски број на картичка, дата на важност и ЦВВ (CVV) код од картичката. Измамникот ги користи овие информации за почеток на постапка за отворање на Гугл пеј (Google Pay) паричник.

„Со започнатата постапка на измамникот за отворање на Гугл пеј паричник, банката на измамениот му испраќа ОТП код за автентикација кој е со намена за дигитализација на платежна картичка, кој измамениот мислејќи дека му е потребен за завршување на платежната трансакција го внесува на ‘злонамерната’ веб-страница. Измамникот со добиениот ОТП код ја завршува регистрацијата на Гугл пеј и оттогаш располага со средства на сметката на измамениот“, се вели во објавата на Народната банка на фејсбук.

Од Народната банка бараат граѓаните да се информираат и да бидат внимателни за постојни измами, преку „фишинг“, како и редовно да ги следат насоките и информациите доставени од банките.

„Внимателно прочитајте го текстот за намената на ОТП кодот кој ви е доставен. Доколку ОТП кодот е доставен со намена да се изврши дигитализација на вашата платежна картичка, а вие тоа не сте го побарале, прекинете со активноста и веднаш контактирајте ја банката“, велат од банката.

Додаваат дека граѓаните треба да направат прилагодување на лимитите за плаќање со нивните  платежни картички согласно нивната вообичаена потреба и редовно да ги следат сметки за соминителни активности.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.