Вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук-профил се вклучи во живо во моментот на пристигнување на избирачкото место во ООУ „Петар Здравковски Пенко“ во скопски Чаир.
Следејќи го неговиот влез во објектот и во просторијата за гласање, по проверката на податоци, прашан од членовите на избирачкиот одбор дали ќе гласа за парламентарните избори и за вториот круг од претседателските избори, јасно се слуша, а потоа и се гледа, дека тој го бара и го зема само гласачкото ливче за изборите за пратеници.
Според досега објавените информации, евидентно е дека во одредени општини интересот за гласање на парламентарните избори е поголем отколку на претседателските избори.
Тоа го потврди и претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. Тој на последната прес-конференција рече дека помал процент граѓани излегле за претседателските избори во општините во западна Македонија за разлика од источна и централна Македонија.
До 11 часот околу 21 500 гласачи ги бојкотирале претседателските избори
Според тие податоци, веќе е јасно видливо дека дел од гласачите ги бојкотираат претседателските избори. Попрецизно, до 11 часот, по обработени 98,51% од избирачите, за пратеници гласале 13,66% од гласачите, додека за претседател гласале 12,47%, по обработени 98,41% од избирачите. Во процентни поени, тоа е разлика од околу 1,19%.
Ако тие податоци се споредат со првиот круг на претседателските избори, видливо е дека излезеноста на денешните парламентарни избори до 11 часот е повисока од излезеноста на првиот круг од претседателските избори. Но, во исто време, излезеноста до 11 часот на првиот круг од претседателските избори била повисока од излезеноста на вториот круг од претседателските избори во истиот временски период. Податоците за излезеноста на првиот круг од претседателските избори се по обработени 98,98% од избирачите.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.