Од Обвинителството, пак, денеска официјално излегоа со кратко соопштение во кое велат дека е правен претрес во повеќе објекти, но ниту потврдија ниту демантираа дека е откриен дополнителен имот на експремиерот, пишува 360!
Експремиерот Никола Груевски се јави од Будимпешта во врска со денешните претреси во станови кои ги користел во зграда на улицата Павел Шатев (Бихаќка) во Скопје и тврди дека нема никакви дополнителен недвижен имот што го криел.
Во два, кои се на име на неговата мајка, живеел, а за дополнителните два потврдува дека ги користел, но тврди дека не е скриен сопственик туку си плаќал кирија.
„Како што на јавноста одамна и е познато јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност. Не постои ништо друго надвор од тоа. Не постои никаков скриен имот, стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал какво било земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастарот“, пишува Груевски на Фејсбук негирајќи дека постои негов стан, кој официјално се водел на име на неговата секретарка.
Избеганиот премиер посочува и дека неговата мајка има стан во Капиштец купен со кредит во 1984, но негира дека има уште еден во Аеродром.
Претресите во становите на Бихаќка денеска се Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги спроведе во рамки на истрагата „Плацови на Водно“. Груевски се сомничи дека во периодот од 2006 до 2012 противправно си присвоил пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, а потоа од октомври 2012 до септември 2013 ги пуштал во оптек преку фирма-ќерка на офшор фирма од Белизе и така ги купил атрактивните плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милиони евра.
Во јавноста излегоа информации дека претресите следуваат откако е откриен дополнителен имот купуван со тие пари односно уште два нови стана од кои едниот се води на име на неговата секретарка, која неофицијално дала исказ во обвинителството, и другиот на име на фирма.
Покрај овие информации, Груевски во денешната објава ги отфрла и тврдењата на обвинителството дека си ги присвоил парите од донации и членарина во ВМРО-ДПМНЕ.
„Напамет не ми паднало да земам пари од партијата или членарини од членството за да купувам имот. Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив. Подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое. Употребуваат најбрутални методи од најниски лични уцени и тешки закани по нивната слобода, семејство и имот, па до одредување притвори и други нечовечки методи“, обвинува Груевски од Будимпешта.
Од Обвинителството, пак, денеска официјално излегоа со кратко соопштение во кое велат дека е правен претрес во повеќе објекти, но ниту потврдија ниту демантираа дека е откриен дополнителен имот на експремиерот.
„Денеска е извршен претрес во повеќе објекти. Претресот е во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како ’Плацови на Водно‘. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на целосно расчистување на предметот“, соопштија од Обвинителството.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.