Заклетвата во Собранието

Објавил: Калина Мартинска | 12 мај, 2024 22:03

Грција и ЕУ реагираат зошто Силјановска рекла Македонија без „северна“

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Грчкото министерство за надворешни работи објави соопштение по повод изјавата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова во која таа не го кажа уставното име, туку само кажа Македонија.

„За време на денешната свечена заклетва во Собранието, и покрај тоа што во официјалниот текст на заклетвата што и беше прочитана, земјата се нарекува „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска -Давкова избра својата земја да ја нарече „Македонија“.

Овој чин е флагрантно кршење на Договорот од Преспа и Уставот на нашата соседна земја, кој е усогласен со меѓународните обврски на Северна Македонија. И покрај приговорите што ги искажа како опозициска партија при ратификацијата на Договорот од Преспа, актуелната грчка влада како ратификуван го почитуваше меѓународниот договор, кој преовладува секоја друга законска одредба.

Во овој контекст, Грција категорично наведува дека понатамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и напредокот во европскиот курс на оваа, зависи од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата“, велат од таму.

 Брисел директно бара Скопје да го почитува Договорот од Преспа со Грција

Во соопштението, Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС) нагласува дека „ЕУ жали поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска, не го употреби уставното име на земјата за време на денешната церемонија полагање заклетва“.

„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, се заклучува во соопштението.

Претходно со соодветна реакција имаше и претседателот на Комисијата. Во својата објава на Платформа Х, Урсула фон дер Лајен нагласи дека „со цел Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон членство во ЕУ, од најголема важност е земјата да продолжи со реформскиот курс и целосно да ги почитува своите обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

ДУИ велат дека Силјановска го прекршила Уставот, за „Влен“ тоа што заклетвата е потпишана со уставното име значи дека ја прифатила реалноста

Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека претседателката, Гордана Силјановска Давкова, го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва со тоа што не ја спомена Северна Македонија. И’ замери на Силјановска-Давковска и што повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии, додека тоа што во нејзиното обраќање се осврна на жените во политиката, за Адеми личело како говор за Осми март.

„Силјановска го згази Уставот уште на прва реченица неспоменувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“, изјави Адеми, кој очекувал новата претседателка да се осврне во обраќањето на евроинтеграцискиот процес на земјата и нејзините предизвици, членството во НАТО, меѓуетничките односи, договорите со Грција и Бугарија.

Оцени дека создала криза меѓу Македонија и Грција уште во првото обраќање, а рече и дека кога веќе споменувала жени кои и честитале, ја изоставила честитката од претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Реагираа и од колицијата на албаснкиот политички блок во земјата „Вреди“ (Влен). Од тука пак, изразија загриженост, коментирајќи дека емоциите од кампањата влијаат на рационалноста. Велат дека имаат разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата.

Од неа, како што додава „Влен“, се очекува да биде пример за почитување на Уставот, особено со оглед на тоа што станува збор за професорка по Уставно право.

„Не ни треба отворање на старите рани. Добро е што Силјановска ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од „Влен“.

Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.