
Македонија
Историја
Бигорскиот манастир викендов одбележува еден милениум од своето постоење. Свеченоста почна вчера со вечерна литургија, а продолжува денеска на отворено, во предворјето на манастирот кој слави илјада лета!
Не постои турист, верник, авантурист, атеист или агностик што влегол во црквата „Св. Јован Крстител“ – Бигорскиот манастир во реканскиот крај, а не излегол одушевен. Здивот го одзема велелепниот иконостас изработен во длабока резба некаде на почетокот на 19 век. Како во тантела се изработени сцените од Стариот и од Новиот завет, испреплетени со растителни и животински мотиви и човечки фигури меѓу кои автопортрети си направиле и самите мајстори-резбари.
Бигорскиот манастир викендов одбележува еден милениум од своето постоење.

Но, што вели науката? Кои се мајсторите од дебарско-реканскиот крај кои со своите чекани и длета везеле во оревовото дрво и создавале уметност која ќе стане надалеку позната?
Проф. д-р академик Цветан Грозданов, еден од најпочитуваните византолози на Балканот, во својата книга „Уметноста и културата на 19 век во Западна Македонија“ вели дека во уметничкото создавање на 19 век неколку мајстори од Македонија стекнале висок углед во црковната уметност во средишните делови на Балканот.
– Меѓу градителите најголем е придонесот на Андреја Дамјанов, во резбата на Мијачката школа суверено владееше Петар Гарката, заедно со соработниците од родовите Фрчковски од Галичник и Станишеви – пишува Грозданов.
Тој посочува дека за дејноста на мијачките копаничари е многу пишувано, но најтемелно ги истражувал историчарот на уметност и публицист, проф. д-р Димитар Ќорнаков.
Во „Творештвото на мијачките резбари“, Ќорнаков вели дека полемиките за иконостасот и за другите резби во манастирот „Св. Јован Бигорски“ се водат од почетокот на 20 век и траат до денес. Едната верзија е дека иконостасот е создаден меѓу 1830 и 1835 година, а со тајфата раководел Макарие Фрчковски, а втората дека вредното уметничко дело е создавано од 1800 до 1807 година под раководство на Петар Филипович – Гарката. Според Ќорнаков, подетаљни описи и оцени прв дава Љубомир Милетич (1863-1937).

Тој смета дека главен претставник на резбарската школа е Макарие Фрчковски од Галичник. Меѓутоа, не дава објаснување зошто токму него го смета за главниот претставник. Во изработката на иконостасот на „Св. Јован Бигорски“, Милетич смета дека учествувал резбарот Симон од село Требиште со некојси Арсение од село Гари и уште со двајца калуѓери, но името на Петре Филипович никако не го споменува – пишува Ќорнаков.
Милетич со посебно внимание се задржал на балдахинот изработен во резба, го нарекува „воздух“ во олтарот и констатирал дека такво „резбарско дело нема второ во православната црква“. Зборувајќи за историјатот на манастирот, Милетич главно се потпирал на „Великиј поменик“ (ракопис во фолио-формат), каде што ја барал годината на завршување на иконостасот. Поменикот гласи:


Историчарите на уметност што ги проучувале резбите на Балканот се согласни дека поради немање писмени документи, не е познато како е создадена и како се развивала „уметничката школа“ во дебарско-реканскиот крај. По предание се знае дека во селата Галичник, Тресонче, Лазарополе, Гари, Осој и други, сите во галичко-реканската област, имало цели фамилии кои како професии работеле резбарство, иконопис и камено резбарство. Но, писмено датирање има едвај на почетокот на 19 век и тоа според црквата „Св. Спас“ во Скопје и сознанието за мајсторите Филип (наместо Петре) од с. Гари и Макарие Фрчковски од с. Галичник.
И историчарот Радослав Груиќ (1878-1955) го отворил прашањето за иконостасот во Бигорскиот манастир.


»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.