Ги возат ер тракторите на ДЗС

Објавил: Калина Мартинска | 20 јули, 2024 16:53

Двајцата пензионирани пилоти активно вклучени во гаснењето на пожарите

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Васко Михалчев и Стоје Арсовски, се двајцата пензионирани пилоти кои беа вратени на работа поради недостиг на пилоти обучени за управување со авионите за гаснење пожари „ер трактори“.

Двајцата се вклучени во гаснењето на пожарите кои веќе десетина дена се активни на територија на државата.

На социјалните медиуми секојдневно се објавуваат фотографии со пофални зборови за нив.

Тие беа вратени на работа со одлука на Владата откако им беа понудени нови договори.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути на 12 јули во изјава за МИА потврди дека договорите со двајцата пилоти се потпишани и дека тие ќе се вклучат во гаснењето на пожарите.

За недостигот на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување, МИА пишуваше уште во април годинава. Под наслов „Критичен недостиг на пилоти во ДЗС – справувањето со шумските пожари ова лето ќе биде дополнителен предизвик“, МИА тогаш во разговор со директорот на ДЗС објави дека од тројца пилоти со кои располагала Дирекцијата, годинава останува само со еден пилот, бидејќи двајца ги исполниле условите за старосна пензија.

ДЗС потпиша договор со двајцата пензионирани пилоти на „Ер трактор“, се очекува нивно вклучување во гаснењето на пожарот во Неготинско

– Имавме тројца пилоти до крајот на 2023 година. На почетокот од оваа година, двајца заминаа во пензија и моментално имаме само еден пилот. Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот, изјави тогаш Максути.

Активни 12 пожари, 23 изгаснати – Благодараници за пилотите што се борат со огнените стихии

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести