
Македонија
Вести
Во Штип денеска беа одбележани 78 години од бомбардирањето на градот.
Членовите на Општинската организација на Сојузот на борци и претставници на власта со положување цвеќе на споменикот на жртвите од бомбардирањето на Штип во 1941 година и пригоден говор одбележаа 78 години од бомбардирањето на градот.
Пред споменикот денеска одржаа говор, претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци – Штип Петар Мицевски и градоначалникот на Штип Благој Бочварски.
Бочварски рече дека многу е важно денеска да ја испратиме пораката – ова зло никогаш да не ни се повтори. Тој изјави и дека многу е важно да бидеме единствени во нашите напори и чекорење кон просперитетот, кон достигнување на европските и демократски вредности.
Под мотото „Никогаш да не се повтори”, денеска во Штип се одржа и традиционалната 43-та средба на цивилните инвалиди од војната на Македонија.
– Секоја година 6 Април, цивилните инвалиди од војната го одбележуваат овој ден. Ние сме лица кои за целиот живот ги носиме врз себе последиците од војната. Нашата порака е никогаш вакво зло на луѓето да не им се случи. Мир да има засекогаш, рече Ѓорги Боризовски, претседател на ОО ЦИ од НОБ.

За време на Втората светска војна, на 6 април 1941 Штип бил бомбардиран од страна на германски авиони што полетале од бази од Бугарија.
Во првиот налет била бомбардирана Соколаната во која биле сместени две воени единици на Кралска Југославија, а во вториот налет Исарот и куќите од околните маала, како и градската болница.
На 7 април 1941 година градот бил заземен од страна на 73-та пешадиска германска дивизија, а на 18 април истата година бугарскиот Генералштаб добил известување од командата на 12-та германска армија дека им се одобрува на единиците на Првата бугарска армија да навлезат во еден дел од Македонија. Бугарската окупаторска власт во Штип била воспоставена на 26 април 1941 година.
На 11 март 1943 година, штипските Евреи (551 лице од 131 семејство) биле депортирани во концентрациониот логор „Треблинка“, каде што речиси сите биле убиени, а успеале да се спасат само седуммина.
Веднаш по депортацијата на Евреите, фашистите го разурнале Еврејското маало во центарот на Штип, заедно со еврејското училиште, синагогата и другите објекти. На 8 ноември 1944 година, единиците на НОБ го ослободиле градот.
За време на окупацијата, 814 жители ги загубиле животите, од кои, 88 во директна борба против окупаторите.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.