
Живот
Религија
Православните христијани денеска на третиот ден од Божиќ го празнуваат Свети архиѓакон и првомаченик Стефан, кој бил каменуван зашто проповедал дека во Исус не веруваат само лошите луѓе.
На третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.
Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напомнувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе.
Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони. Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва. Го изнесле Стефана надвор од градот и го каменувале. Умирајќи тој се молел на Бога за себе си, но и за тие што го убиле. Во претсмртниот час извикал: „Господе, не земај им го ова за грев.“

Народот што го каменувал Стефана му ја соблекол белата облека и му ја дал на едно момче по име Савле да ја чува. Тоа момче, во тоа време жесток противник и прогонувач на христијаните, подоцна со името Павле, станало најголем приврзаник и афирматор на христијанството. Христијаните го зеле телото на Стефана и достојно го погребале во близината на Ерусалим.
Култот на св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград. Преданието вели дека пренесувањето на моштите на св. Стефан во Цариград било за време на владеењето на Константин Велики и за време на патријархот Митрофан. Животните што ја влечеле колата во кои биле моштите на св. Стефан на едно место одеднаш застанале и со човечки глас рекле: „Зошто нè тепате? Светецот треба да биде поставен овде!“ Царот веднаш на тоа место подигнал црква посветена на првомаченикот.
Народот го празнува Свети Стефан на 9. I./27 XII, а тоа е третиот ден од празникот Божиќ.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.