Денеска на двата аеродрома во државата, скопскиот и охридскиот, 6 часа ќе нема полетување и слетување на авиони, а нема да има и контрола на летовите. Синдикатот на контролори на летање останува на претходно донесената одлука за реализација на штрајкот од 11 до 17 часот поради партиските вработувања, внатрешните прераспоредувања на вработени, несоодветните услови за работа и опрема.
Велат дека дезинформацијата за наводна постигна спогодба поради која се става штрајкот во мирување ќе ги доведат во забуна патниците и авиокомпаниите, а ќе предизвика и непотребен хаос при планирањето на летовите.
„Претседателот на УО на М-НАВ ги пласираше овие дезинформации и мислеше најверојатно дека ќе изврши притисок врз нас. Ние на состаноците кажавме дека додека не добиеме нешто конкретно што ќе се потпише и раководните структури ќе обврзат тоа што го зборуваат дека ќе го исполнат, ние не може да се потпираме на празни муабети“, вели Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.
Контролорите на летање укажуваат дека во моментот и во УО на М-НАВ владее разединување. Новите двајца директори поставени пред неколку месеци што го затекнаа хаосот, гледаат како претседател на УО, Фахрудин Хамиди, продолжува по стариот пат генерира нови проблеми и ги испорачува ветените партиски вработувања. Според договорот на синдикатот со менаџментот, требаше најпрво да се направи студија за тоа какви кадри се потребни во М-НАВ и дотогаш да се вработуваат само инженери, контролори и техничари.
„Имаме поддршка од страна на двајцата нови директори кои ја затекнаа ситуацијата вака хаотична и покажуваат волја се ова да се промени, но единствениот директор од старата гарнитура продолжува со старите нависки и прави проблеми“, додава Тасевски.
Од Синдикатот на контролори на летање велат дека се единствени, а добиваат се поголема поддршка од вработените. Доколку не се исполнат нивните барања, продолжуваат со штрајк секој четврток од 11 до 17 часот, но не ја исклучуваат можноста и за негово интензивирање.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.