
Македонија
Вести
Денес е Младенци, еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус. Се верува дека какво ќе биде времето денес, такво ќе биде цела пролет. Овој ден секогаш паѓа за време на Велигденскиот пост.
На овој ден именден празнуваат: Младен, Младенка…
Денес се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера. Инаку овој празник е празник на младите сопружници кои стапиле во брак годината пред Младенци, односно оние кои се венчале после 22 март претходната година.
Задолжителен обичај е младите кои се венчале годината пред Младенци, на овој ден да одат во црква и да ги запалат свеќите од венчавката за да се догорат. Вечерта на Младенци најчесто во домот на младите доаѓаат гости да им посакаат среќа во бракот и желби за новороденче.
Во некои случаи на тој ден се оди на гости и во семејствата кои имаат новороденче.
Во минатото овој празник во Македонија го празнувале не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“. Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.
На овој ден, според обичаите, жените стануваат рано и месат колачиња за долг, среќен и сладок живот, а потоа им ги нудат на гостите. Празникот секогаш се паѓа во време на пост, така што и храната која се подготвува за тој ден мора да биде посна.
Освен колачите, на Младенци се јаде мед, варена коприва и зелје за да се исчисти крвта.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.