Министер за јавна администрација

Објавил: Калина Мартинска | 27 ноември, 2024 16:39

Деполитизацијата на јавната администрација зависи од политичката волја, вели Минчев

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Деполитизацијата на јавната администрација зависи од политичката волја на владејачката структура.

Јас сум силно уверен дека оваа Влада, на чело со премиерот и ние како МИОА таа волја од ден на ден ја докажуваме, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Горан Минчев.

Според министерот Минчев, доколку постои политичка волја и законско решение кое што ќе го овозможи тоа, тоа ќе се спроведе.

– Без таа политичка волја ние не можеме да одиме напред. Ние како влада и во изминатиот период низ призма на одржување на повеќе јавни расправи и дебати, го искажавме тоа прашање како едно од најважните. Зошто, затоа што во овој момент се соочуваме со делумно неквалитетна, неедуцирана јавна администрација која што предизвикува дополнителни проблеми во смисла на ефикасноста на јавната администрација. Затоа во тој поглед е од клучно значење да се посветиме на овој процес, а тоа е деполитизација на јавната администрација, посочи денеска министерот по потпишувањето на меморандум за соработка со министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Јелена Жариќ Ковачевиќ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека деполитизацијата на јавната администрација е клучна за нејзината ефикасност и транспарентност. Тој нагласи дека целта е јавната администрација да биде пример за ефикасност и отчетност, и дека ќе се зајакнат механизмите за надзор. Социјалдемократскиот сојуз реагираше дека изјавите на Мицкоски се празни зборови, спротивни на реалноста. Тие тврдат дека администрацијата е партизирана и дека компетентните кадри се заменети со партиски луѓе без квалификации.

Јавна администрација треба да биде пример за ефикасност, вели премиерот

Во врска со прашањето за најавите за кратење на кадрите во државната администрација и управните одбори, министерот одговори дека законските решенија се во процес на изработка.

-Во овој момент не можам да кажам за колкав број управни одбори станува збор. Работната група во рамките на МИОА која макотрпно, дене и ноќе работи на овие закони ќе дојде во една финална фаза на овие предлог или нацрт законски решенија кон крајот на овој месец. Тогаш кога ќе ги имаме конечните решенија, ќе бидат поставени на системот ЕНЕР и достапни до сите граѓани, а потоа ќе бидат пратени во владина процедура и се надевам на почетокот на јануари во собраниска процедура, рече министерот.

Министерот потенцираше дека се работи за краток пилот проект кој ќе се однесува на институции, или пак органи кои се во рамки на МИОА, или пак, поврзани со МИОА.

-Ние сакаме да го опипаме пулсот на овие институции, на кратењето на овие управни одбори, но, исто така, не треба да го занемариме и социјалниот дел кој што го имаме со синдикатите, тоа да не предизвика дополнителни револти и во онака тешката ситуација со платите, рече министерот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.