Според претседателот на ДИК ќе потрошат само 80% од предвидените буџетски средства

Објавил: Мирко Бачиќ | 8 август, 2018 7:41

ДИК ќе потроши 169.770.000 денари за Референдумот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Државната изборна комисија планира да потроши 169.770.000 денари за целосно спроведување на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи на 30-ти септември.

Како што образложи денеска претседателот на Комисијата Оливер Дерковски тоа е намалување за 20 проценти во однос на средствата одобрени од Собранието на Република Македонија во износ од 210 милиони денари.

“ДИК има обврска да донесе финансиски план за распоредување на овие средства. Во овој план првично се планира да се потрошат 169.770.000 денари односно 20 проценти помалку од предвидените. Планот не значи дека ова е дефинитивната бројка. Се надеваме дека по спроведување на тендерите ќе се изврши натамошно намалување на средствата со цел рационално трошење на парите од даночните обврзници.” – рече Дерковски.

Согласно планот предвидени се и средства во износ од 80 милиони денари за надоместоци за изборните органи односно за општиниските изборни комисии и избирачките одбори во земјата како и за избирачките избори во дипломатско конзуларните претставништва.

За членовите на ДИК како што нагласи Дерковски не се предвидени бонуси.

ДИК одлучи и да го продолжи до 10 август рокот за доставување на ценовниците за медиумско претставување.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.