Од неодамна сте назначен за уметнички директор на фестивалот „Макфест“, еден од најзначајните музички фестивали во државата. Имате долгогодишно искуство како учесник во фестивалот пто е причина за поголеми очекувања од Вашиот ангажман од страна на стручната и широката јавност. Може ли да ни кажете која е Вашата улога како уметнички директор на овој наш реномиран фестивал?
За тоа кои се очекувањата од стручната и широката јавност е неблагодарно да се изјаснам јас, иако можеби тоа што го кажавте дека сум долгогодишен учесник на фестивалот, многукратен добитник на награди, кој што четири пати ја почувствувал и победничката магија, или статуетка ако можам да се изразам вака, како дел од победничкиот тим. Што се однесува до мојата улога, обврската е да обезбедам композиции и изведувачи кои што ќе го задржат и унапредат реномето на фестивалот.
Се чини дека реакциите на стручната јавност за висините на наградите на овогодинешното издание на фестивалот се позитивни. Иако и високите парични награди во изминатите години беа позитивно прифатени од голем број автори, сепак негативните реакции повеќе биле насочени кон начинот на изборот на наградените, можностите за манипулирање со резултатите итн. Која, според Вас, е најдобра формула за висината на наградите на Макфест?
Мислам дека оваа висина на наградите е сосема доволна мотивација за учесниците, без разлика дали се автори или изведувачи. Високите награди на претходните изданија, факт е дека не ги донесоа најголемите имиња меѓу изведувачите да се натпреваруваат, односно донесоа голема недоверба кај голем дел од нив. Мислам и дека многу поединци, кои што никогаш не биле инволвирани во создавање на македонската песна, со висината на тие награди се мотивираа да се вклучат во македонските фестивали се со цел на разни нацини да стигнат до некоја од наградите. За волја на вистината пропозициите тоа го дозволуваа и покрај реакциите на авторите тие не се менуваа. Решението според мене е дека треба да се испочитува вистинско стручно жири и публиката која што е дојдена на фестивалот. И тие што се присутни во сала, од мене лично имаат најголема почит и мислам дека најдобро можат да ја почуствуваат искреноста и квалитетот на изведбата.
Бидејќи авторската фела е релативно малубројна, сите Вие добро се познавате и често пати соработувате меѓусебно, имате ли реална можност да понудите фер натпревар меѓу колегите кој нема да произведе јавни скандали и меѓусебни обинувања. Или пак можеби тоа е неизоставен дел од светот на естрадата?
Како уметнички директор на фестивалот ќе се заложам подеднакво за сите учесници, без разлика дали ми се колеги со кои сум соработувал или пак нови колеги, да биде фер, транспарентен и пред се забавен и промотивен за сите. Макфест трае три дена. Јас сум оваа година директор, идната можеби друг колега ќе биде, но најбитно е тие три дена да ја славиме македонската песна, сите ние да дадеме придонес во раздвижување на нашата сцена, за по завршување на фестивалот да имаме песни кои што нашите радио станици ќе ги имаат на нивните музички листи, и на крај, ако вечерта кога ќе заврши фестивалот, едвај чекаме да дојде следниот фестивал и да учествуваме пак, дури тогаш ќе сметам дека сме имале успешен фестивал. Фестивалот, без вистинските изведувачи кои што имаат оставено трага во македонската поп музика и без таленти кои што Македонија ги има многу, нема да ја исполни својата цел.
Впечатоците на јавноста во изминатите години се дека Макфест заслужува пореномирани естрадни учесници. Сметате ли дека звучни имиња можат да придонесат за поквалитетна фестивалска програма?
Ме радува што многу изведувачи и автори кои што долги години не беа присутни на фестивалот и кои што во минатото освоиле бројни награди го најавија своето учество. Секако дека имињата го прават голем еден фестивал, но и маркетингот на истата манифестација. И тука ќе се обидам да помогнам колку што можам.
Што може јавноста да очекува во новото Макфестовско издание?
Од овогодинешниот Макфест треба да очекуваме одлична музика во многу различни жанрови. Се надевам на добра атмосвера и забава. Исто така сакам да иразам огромна благодарност на луѓето од општина Штип кои се задолжени за реализација на фестивалот, бидејќи се познаваме многу години и имаме одлична соработка. Тврдам дека без нив, прашање е дали фестивалот сеуште ќе опстојуваше. Исто така сакам да изразам огромна благодарност до уметничките директори пред мене, што голем дел од нив земаат активно учество и во ова 33-то издание на Макфест како автори, и што воедно мене како автор ми овозмозија активно учество како аранжер, композитор и аранжер.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.