И јас ќе се радувам токму на таквата добивка, бидејќи таа ќе значи позитивен притисок вие, другарчиња, да почнете да работите подобро, поодговорно и попосветено.

Објавил: Сара Фемина | 13 октомври, 2019 10:26

“Другарчиња, вие сами го отфрливте македонизмот и немој да се лутите на пријатели во Бугарија, во Грција„

Фото/Текст извор: ©plus info

Молам грубата дума од насловот на овој текст да не ми се есапи за лутина, разочараност или за страв дека Европската унија нема да ни даде датум да почнеме да преговараме. Напротив, јас, како и премиерот Зоран Заев, сум оптимист дека ќе го добиеме тој датум.

Но, тоа што претседателот Стево Пендаровски го препознава како француски предлог за подобрување на „методологијата“ и на „критериумите“ за преговарање ќе биде она со што биде придружен датумот – многу услови, домашни задачи и силен мониторинг.

Тоа веќе го предвидов: едно „да“ со многу „но“. И јас ќе се радувам токму на таквата добивка, бидејќи таа ќе значи позитивен притисок вие, другарчиња, да почнете да работите подобро, поодговорно и попосветено. Добро, три дена ќе славите и потоа четвртиот ден ќе ви преседне.

Исто така, токму како и премиерот Заев, јас сум убеден сум дека Бугарија нема да ја блокира одлуката за датумот и дека проблемите кои ескалираа во последно време во односите меѓу Скопје и Софија можат да се надминат. Затоа и апелирам сега, кога во Бугарија најамбициозно се исцртуваат црвените линии на оспорување на македонизмот, ние од Македонија до нашите браќа Бугари да им испратиме пораки на пријателство и на спокојни очекувања од иднината.
Знам дека ова ќе прозвучи малку нелогично и троа и лигаво, но одлучно тврдам дека Бугарите не се виновни за ваквиот неповолен развој на настаните. Не, вината треба да се бара тука, кај нас во Македонија, кај другарчињата, кај Заев и кај неговата пропагандна машинерија. Ете затоа ним им се обраќам и оттаму и онаа грда дума во насловот.

Невидено лудило!
Да, другарчиња, вие самите го отфрливте македонизмот и нема зошто да им се лутите на нашите соседи и пријатели во Бугарија, во Грција, а утре можеби и на оние во Србија и во Албанија. Да да, нема да ви дозволам да избегате од за вас срамната вистина дека се откажавте од македонското име и тогаш кога не моравте, кога никој со ништо, со ниту еден меѓународен договор, вклучувајќи го и овој најновиов, Преспанскиот, не ве обврза на такво нешто.
Да појдеме од клучниот факт.

Вие и вашата пропаганда упорно тврдите дека нашето ново службено име запишано во Уставот – Република Северна Македонија – мора папагалски да се употребува во секојдневните настапи на државните функционери, дури и од оние со најнизок ранг, во медиумите и во секојдневниот живот на обичните луѓе. Па тоа е комплетна лудост! Одговорно тврдам дека нема земја во светот во која постојат такви правила и узанси. Во една Германија, на пример, лингвисти водат расправа за тоа како да се преведе нашето ново официјално име, а кај нас недоучени будалетинки од Владата, некои и без завршени факултети, решаваат како, во кој обем и на кои неслужбени нивоа новото име ќе се употребувало кај нас. Па дали сте вие нормални?
Вам, на пример, не ви паѓа на ум следново: ако веќе не можете да го сфатите фундаменталното јазично правило дека именката Македонија е основата на сложената фраза Република Северна Македонија (толку сте писмени), вие имате уште една одлична можност да го скратите официјалното име на нашата земја, на ист начин како што тоа било правено во минатото, не само со официјалното име на нашата земја, туку и со името на нашата некогашна југословенска федерација. Се сеќава некој на СР Македонија и на СРМ? Или на СФР Југославија и на СФРЈ? Што пречи официјалното име на нашата земја да се скратува на РС Македонија?
Долго време одбивав да поверував во нешто што можеше да се насети, но веќе не можам да мижам и да молчам, па ќе кажам отворено – знам што ви пречи и знам што сакате да постигнете, другарчиња. Вам ви пречи името Македонија и сакате по секоја цена да го „посеверчите“! Отидовте до таму што се осмеливте целата македонска историја пред Преспанскиот договор да ја именувате како „историја на Република Северна Македонија“. Ретроактивно! Па така добивме комити и партизани што се бореле „за слободата на Република Северна Македонија“. Мојот дедо во 1941 година загинал за таа ваша Република Северна Македонија?! Невидено лудило! Вие или сте презеле некакви тајни обврски да го уништите македонизмот – о Боже, па зарем и на тоа треба да помислуваме?! – или дефинитивно сте се мрднале од умот…
Вашиот непростив грев
Кога во еуфоријата пред и по склучувањето на Преспанскиот договор, пред и по референдумот, некои накадарници пишуваа дека Македонија пред вас, пред Преспа, треба да умре, заедно со сите нејзини атрибути (заедно со своето историско име, со придавката македонски, со химната, со Гоце, со Јане, со сите свои референци што асоцираат на националната самобитност на овој народ), за потоа да се прероди во некоја друга Македонија со нови атритути (северџански атрибути, ебаго, да си кажеме право!), јас мислев дека станува збор за вербална онанија на два-три исфрустрирани лика од социјалните мрежи, кои така се додворуваат за да ја освојат позицијата на почесен дворски шут на Илинденска бб. Ама не било тоа. Брзо видовме дека таа онанија станува доминантна доктрина на вашата официјална пропаганда, другарчиња. На националистичката парола „Никогаш северна, само Македонија“, вие одговорите „Нема Македонија, има само северна“.
Тоа е таа страшна вистина, тоа е вашиот непростив грев, другарчиња!
Тоа е грев за кој нема никакво оправдување во Уставот, во меѓународните договори на нашата земја, во правниот поредок во целина и во политичката идеологија на сите наши политички партии, вклучувајќи ја и вашата, абдали едни! Ако не е така, тогаш треба веднаш партијата да си ја преименувате во Социјалдемократски сојуз на Република Северна Македонија, или скратено – СДСРСМ! А со тоа што ќе речам дека тој грев е последица на вашата недугавост (убаво проучете го значењето на овој збор!), јас ви правам голема услуга, другарчиња, услуга која со пари и со привилегии не може да се плати, бидејќи ви креирам алиби за сите други можни мотиви за ова самоубиствено поткопување на темелите на македонизмот, на кое се дрзнавте.
Да си ги сфатите заблудите!
Е кога веќе се дрзнавте, зошто тогаш им се лутите на Бугарите?
Договорот со нив, барем декларативно, беше пријателски, братски – да ја делиме историјата, односно да се согласиме тие да преземат дел од историјата на Македонија, да го сметаат тој дел за свој, колкав и да е и колку и да е романтичен. А од порано е кажано (од бугарскиот претседател Петар Стојанов), Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја! Нејсе, кога видоа луѓето во Софија дека вие сте се подзбудалеле, другарчиња, дека самите се откажувате од името македонско и ги отфрлате македонизмот и неговите клучни наративи, тогаш сфатија дека имате мек стомак. Разбра Софија дека своите црвени линии може да ги исцрта не со перо, туку со дебел фломастер, задавајќи ни така силен удар сега, кога ни е тешко, а особено утре, кога ќе ни биде уште потешко.
Ете, тоа го направивте вие, другарчиња. Вие, а не Бугарите! И затоа, без отровни стрели кон Софијанците, ве молам!
Не знам јас точно каква методологија и какви критериуми ни смислуваат Французите и што ќе се договорат Макрон и Меркел. Се надевам дека нешто добро ќе излезе за нас од тие нивни разговори и убедувања. Но, знам каква методологија ни е неопходна за да се справиме со нас самите, односно вие, другарчиња, да се справите со себе самите, со своите заблуди и секако со перјаниците на вашата пропаганда, кои ви прават мечкина услуга и кои му нанесуваат огромни штети на македонизмот. Има бре да си седнете, да си повторите историја од петто до осмо основно (има таму и некои глупости што ќе ги прескокнете, се разбира), има да сфатите дека не сме дрво без корен и има да престанете со овој ваш идиотски идентитетски инженеринг, кој со право го нарекуваат северџански.

Тој е исто толку штетен колку античкомакедонскиот идентитетски инженеринг на заблудениот Никола Груевски!
Колку побрзо го сфатите ова што ви го кажувам, толку подобро за вас. Ако послушате, можеби ќе изградите некаква позиција за малку посериозни разговори со Бугарите.

Па Софија нема вака да ве трти, да простите… Ако си ги сфатите грешките, можеби ќе можете да се појавите на изборите со надеж за успех. Немојте да си се доведете во најглупавата можна ситуација овој народ да избира меѓу Македонија и Северна.
Сега знаете шчо напраифте и шчо треба да напраите за однапред!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

–Најкомична е вашата намера да го ограничите времето на одржување на јавните собири од 6 часот наутро до 23 часот навечер.

ГЕРОСКИ: Што е, другарчиња, цвикате од протестни собири, ќе воведете полициски час?

Новинарот Бранко Героски реагира на најавата на властите да воведат, како што вели,...

Пајтон партиите од типот на ДОМ, ДС, и други минорни субјекти повторно во обид да го покријат Заев од дебаклот на своето владеење и од националното дно што го допре со спроведувањето на предавничките политики.

КАРАКАМИШЕВА: Во услови на една изборна единица ВМРО ДПМНЕ за изборите би добиле 48 пратеника

Зошто токму сега и зошто токму од Лиле и на неа сличните доаѓаат изборни предлози за...