На Денот на албанското знаме

Објавил: Калина Мартинска | 7 декември, 2024 15:05

ДУИ бара оставка од Тошковски затоа што екс градоначалник од интегративците бил вмешан во инцидентите

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Демократската унија за интеграција реагира на изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека екс градоначалник од редовите на интегративците бил вмешан во случувањата на Денот на албанското знаме.

Од оваа партија обвинуваат дека Тошковски без основа и кредибилитет го тврдел ова со цел да го пренасочи вниманието од неговите неуспеси и затоа бараат оставка од него.

„Тоа е истиот министер кој ден пред да биде уапсено лице со ментална попреченост како сторител на палењето на автомобилот во Куманово, јавно изјави дека има „оперативни информации“ за софистицирана организирана група што стои зад нападот. Како може да се верува на министер кој покажал толку изразена неспособност да се справи со едноставни ситуации и кој постојано шири лажни информации? Сега истиот министер се осмелува да дава неодговорни изјави со вклучување на поранешен градоначалник од ДУИ во организација на инцидентите на Денот на знамето, без никакви конкретни докази“, велат од ДУИ.

Тошковски во вчерашното интервју за Сител рече дека безбедносните служби имале оперативни информации дека зад настаните на Денот на албанското знаме стоеле високи структури на ДУИ.

„Факт е – да, дека има одредени оперативни информации дека поранешен градоначалник од редовите на ДУИ директно бил вклучен заедно со друга група во делот на организирање на овие настани, но за разлика од претходно кога имавме политички прогони еден тон, сега Министерството постапува по насока на Јавно обвинителство со факти и докази, не одиме слепо како претходно. Така ќе биде и во овој случај. Доколку обезбедиме докази доколку се постапат со аргументи оние индиции што постојат, ќе постапиме“, порача Панче Тошковски.

Демократската унија за интеграција неодамна до Собранието поднесе иницијатива за интерпелација на министерот Тошковски, но од опозициската СДСМ најавија дека нема да ја поддржат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.