Нема повеќе меѓународна политика и дипломатија со свиткана кичма, секогаш ќе реагираме кога црвените линии ќе се поминат и затоа денеска ќе му биде врачен демарш на бугарскиот амбасадор, рече премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со неистакнувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во петокот во Софија, што се одржа во кабинетот на Радев.
Во минатото кога се понижуваше и се распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои нè понижуваа и газеа. Сега се решаваат на овој начин, дипломатски, се испраќаат протестни ноти, нема веќе меѓународна политика и дипломатија со свиткана кичма. Треба да се реагира кога ќе се помине рубиконот, оти ако не реагирате, тој исклучок ќе стане пракса – рече Мицкоски.
Премиерот потенцира дека во целата ситуација нему му е поважно што светот ги видел вистинските намери на Бугарија кон Македонија.
Европа и светот на можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија, не се Бугарите во Устав, тоа е најмалиот проблем, таму е многу поголема потребата да покажат мускули. Ги покажаа своите вистински намети и светот и Европа можеа да видат дека тоа е многу повеќе од уставните измени – рече премиерот.
Тој повтори дека секогаш се подготвени на добрососедските односи да вратат со доверба, но и дека секогаш ќе реагираат кога ќе бидат поминати црвените линии, како денеска, со демарш на амбасадорот на источниот сосед.
На новинарско прашање зошто не реагирала македонската страна за време на средбата во Софија, премиерот рече дека во реакции од кабинетот на претседателката е објаснето зошто не е реагирано тој ден.
Во интерес на почитта кон трагично загубените животи на пилотите кои дента загинаа, не сакавме да создаваме тензија. Затоа, добро е и што денеска се реагира. Порано се молчеше кога се бакнуваа чевлите, тоа беше европска вредност, сега зошто реагираме, ете затоа реагираме. И утре ќе реагираме, можеби и задутре, немаме намера никогаш повеќе да ја виткаме кичмата. Добрососедските односи се двонасочна улица и таа ќе ја чекориме, но ако некој мисли дека ќе целиваме чевли и ќе трпиме понижувања, тоа нема да се случи – рече премиерот.
Во врска со очекувањата од новите членови на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања Мицкоски рече дека очекува да продолжат да работат во духот на пријателството и добрососедството.
Објективно да се преговара, тоа се процеси што траат со децении, имаме примери во Европа. Секое избрзано решение, може да резултира со одлуки кои може да се погрешни. Очекувам разговори во добар дух – рече Мицкоски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.