Европската Комисија денеска ќе го усвои пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан со посебен извештај за напредокот на секоја од државите во процесот на евроинтеграции, вклучително и за Северна Македонија.
Ова е прв Извештај на ЕК за земјава откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство.
Во Нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави денеска, а во кој Радио Слободна Европа имаше увид, оценето е дека Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.
–Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои меѓу другото во извештајот.
Се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.
-Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори, стои во извештајот.
Правниот систем постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен, а земјата постигнала и одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата.
Во извештајот е наведено дека земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување, а реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет!
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ минатата недела изјави дека од новиот извештај на ЕК не се очекуваат некои изненадувања. Истакна дека тие извештаи секогаш ги гледаме како објективна оценка на работите и генерално се очекува позитивен извештај на ЕК.
Имаме силен аргумент и во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи оваа година првпат имаме 100-процентно усогласување со сите пакети на санкции на ЕУ и со сите одлуки донесени во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика, рече Маричиќ на брифингот одржан заедно со поранешниот хрватски преговарач со ЕУ, Владимир Дробњак.
Во тек е објаснувачкиот скриниг, а на 7 ноември треба да почне и билатералниот скрининг со ЕУ. Маричиќ смета дека билатералниот скрининг ќе ни донесе и поинтензивна динамика и поголем ангажман, но исто така е договорена и динамика за изготвување на оние три клучни патокази, што се во Преговарачката рамка.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.