Извештај на УНИЦЕФ

Објавил: Калина Мартинска | 10 септември, 2024 15:35

Еден од девет смртни случаи на новороденчиња во Македонија поврзан со аерозагадувањето

Фото/Текст извор: ©telma.mk

Секој деветти смртен случај на новороденче во Македонија , е поврзан со аерозагадувањето. Ова е нотирано во новиот извештај на УНИЦЕФ, објавен во пресрет на Меѓународниот ден на чистиот воздух. Во извештајот насловен „ Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“,  се вели дека во 2021 година, над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии од Европа и Централна Азија, починале од причини поврзани со аерозагадувањето.

Во Македонија, смртните случаи на новороденчиња, поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 % или 1 од 9 смртни случаи на деца, на возраст до една година. Ризиците од загадениот воздух во земјава се високи. Во февруари Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, со просечни нивоа на ПМ10 или ПМ 2,5 честички што ги надминуваат дозволените граници- повеќе од 100 дена во годината. Според податоците од извештајот, освен што претставува причина за смрт кај новороденчињата, аерозагадувањето одзема повеќе години од животот, во споредба со другите фактори : високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.

Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето  во текот на целиот живот. Децата уште сега го искусуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот. Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот, таму каде што децата учат, живеат и си играат., вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.

УНИЦЕФ апелира до владите и институциите од земјите во регионот, вклучувајќи ја и Македонија – да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, преку изготвување национални планови. Да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, и да ги заштитат бремените жени и децата од аерозагадување. За бремените жени треба да се размисли за подобрување на прочистувањето на воздухот во домот и на работното место. А,товарот од инфекции со бактериска пневмонија кај доенчињата треба да се намали преку проширување на опфатот со ПЦВ вакцина, кој во Македонија изнесува 56 %. Тоа е многу помал опфат од просечните 86 % во европскиот регион на СЗО, стои во извештајот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.