Вања Ѓорчевска, невино, безгрижно 14-годишно девојче од Скопје точно една година не е меѓу живите – лани, на денешната дата, таа беше грабната од пред својот дом во 7.30 часот наутро и сурово убиена во околината на селото Бразда, два часа подоцна. Наместо да стаса на училиште, тој кобен понеделник на 27 ноември 2023 година таа заврши со куршум во главата, закопана во дупка среде пустелија, со план на убијците никогаш да не бидат пронајдени ниту телото, ниту вистината. Полицијата го лоцираше телото на Вања на 3 декември (недела), дури шест дена по грабнувањето, потрагата на нејзиното семејство доби ужасен крај.
Една година по убиството на Вања, во Кривичниот суд во Скопје во тек е судењето на петмина обвинети за нејзиното грабнување и убиство – Љупчо Палевски Палчо, претседател на политичка партија Десна, тројцата негови соработници, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, како и на нејзиниот татко Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање на грабнувањето. Обвинетите убијци за свирепото злосторство може да добијат казна доживотен затвор, ако Јавното обвинителство недвосмислено го докаже нивното грозоморно дело, а таткото Александар до деценија робија.
Обвинителниот акт даде и детали од грозморното убиство.
Вања Ѓорчевска била грабната од влезот на зградата каде што живеела.
Грабнувачите ѝ ги врзале рацете и нозете, ја покриле со вреќа за спиење и ја ставиле во гепекот на возилото „цитроен“.
Била однесена во атарот на скопското село Бразда, каде е убиена, а потоа е запалено возилото.
Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска, се наведува во обвинението за убиството на 14-годишното девојче што се случи лани во ноември во Скопје.
Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.
Убиена е свирепо, како во сцена од хорор филм. За неа не е баран откуп иако надлежните тогаш велеа дека мотивот е користољубие. Според веќе покренатото обвинение, целта на обвинетите била да присилат член на потесното семејство на Вања, да даде парични средства за откуп.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.